Компанијата Пертинакс ДООЕЛ Скопје за 15 милиони евра ќе доставува мазут до РЕК Битола за производство на електрична енергија.
Оваа фирма и претходно беше одлучено дека ќе ја врши оваа работа.
ЕСМ во својот повик побара 33 илјади тони од овој енергент за централата во Битола.
Освен Пертинакс, понуди достави и Супертрејд, но нивната цена за набавка и транспорт на мазутот беше повисока за 407 илјади евра.
Количините на мазут кои ги бара ЕСМ се за потребите на РЕК за цела година.
Буџетот кој го издвои компанијата за оваа намена е околу 25 милиони евра.
Претходно, ЕСМ побара и кризни резерви за да може да ги користи залихите на мазут од државните складишта, побарајќи половина од количините од овие резерви.
Мазутот во РЕК за производство на електрична енергија повеќе се користи во зимските месеци и се употребува за да се зголеми калоричната вредност на јагленот.
Инаку, според достапните податоци, Пертинакс е компанија за која пред неколку години Регулаторната комисија започна постапка за одземање на лиценца поради непоседување на резервоар за мазут.
Подоцна успева да ја врати, но по извесно време повторно се соочува со можност за одземање на лиценцата.
Ирена Чачкова
