При претрес во Неготино во рамки на истрагата на Обвинителството за апелациониот судија Ѓоко Ристов биле најдени 350.000 евра соѕидани во ѕид, соопшти обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Парите се најдени при претрес во куќа на родителите на осомничениот судија.
Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана, откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија од Апелацискиот суд во Скопје, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот, стои во соопштението.
Постојат сомненија дека имотот е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание, велат од обвинителството откако ги открија парите сокриени во ѕид. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката.
Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност. Дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал.
Истрагата е отворена по апсењето на адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа, кој како бранител на бегалецот Љупчо Пецов Ѓаволот му зел 50.000 евра за да му „среди“ и подмити судија за да му замени затворски со домашен притвор. Во тој предмет, ОЈО ГОКК првично соопшти инволвираност на апелационен судија, без да прецизира повеќе детали. Стафа е во притвор, а неговиот клиент Пецов Ѓаволот доби куќен притвор после двегодишно бегство.
