Операторот кој вчера се судри со ренџерите од Националниот парк „Шар Планина“ денеска работи и неговите ратраци превезуваат скијачи. Од компанијата обвинуваат дека раководството на Националниот парк им вршело притисоци. За вчерашниот инцидент кој се случи на Попова Шапка, од „Ескимо фрирајд“ велат дека ренџерите немаат овластувања да ги запрат ратраците, па затоа полицијата им наложила да се повлечат. Тие се на став дека безбедноста на ренџерите не била загрозена од нивните возачи во ратраците.
Според Саздовски, раководството на Националниот парк ги опструира бидејќи потпишале договор со друг оператор и тврди дека светските пракси се една планина еден оператор бидејќи движењето на ратраците е опасно за скијачите.
Саздовски вели дека „Ескимо фрирајд“ 19 години работи со туристи на Шар Планина, ратраците се технички исправни и дека во овој период го промовирале турзимот во странство и помогнале во средување на ски терените и инфраструктурата.
Од тетовската полиција информираат дека вчера добиле две пријави за инцидентот како и дека е вклучена и внатрешната контрола бидејќи добиле поплака дека полициски службеник не пост апувал професионално на местото на настанот.
„Претставник на хотелот „Арена“ пријавил дека биле неосновано спречени во вршење на дејноста и дека им било ограничено движењето без писмен налог. Од друга страна, раководството на НП „Шар Планина“ пријави кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ и „предизвикување општа опасност“ односно дека неколку лица со ратраци се обиделе да ги прегазат вработените во паркот, при што ренџер бил удрено со механичка корпа и се здобил со повреди“, велат од СВР Тетово.
Од националниот парк „Шар Планина“ за Телма изјавија дека сопственикот на ратраците, односно операторот кој е државјанин на Република Хрватска упорно одбивал да потпише договор обидела да потпише договор откако слободното скијање со ратраци е класифицирано како дејност.
Минатата година националниот парк јасно ги обележи рутите по кои ратраците може да се движат за да носат скијачи за слободно скијање, тие се надвор од строго заштитени зони, и е со цел да се зачува природата на Шар Планина.
Огнен Чанчаревиќ
