Иран ги извести соседните земји дека ќе изврши напади врз американските бази во регионот, како одмазда за секој евентуален напад од Вашингтон, наведува „Ројтерс“ во својот извештај. Според агенцијата, висок итански претставник порачал:
„Техеран на регионалните држави, од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, до Турција, им порача дека американските бази во нив ќе бидат нападнати, ако САД го нападнат Иран“.
Притоа од нив е побарано да го спречат Вашингтон да го нападне Иран.
„Ројтерс“, исто така, објави дека дел од персоналот во Ал Удеид во Катар е советуван да ја напушти базата. Станува збор за најголемата американска база на Блискиот исток во која се сместени околу 10.000 војници. Во пресрет на американските напади на Иран во јуни лани, дел од персоналот беше преместен од американските бази на Блискиот исток.
Амбасадата на Индија во Техеран, во меѓувреме, ги повика своите државјани да го напуштат Иран, со образложението дека ситуацијата во Исламската Република „и натаму се развива“. Во соопштението на „Икс“ се советуваат индиските државјани да бидат многу внимателни и да ги избегнуваат подрачјата во кои се одржуваат протести.
