Искористување на обновливите извори на енергија и производство со што е можно помал јаглероден отпечаток е клучно за развој на македонските компании и пласманот на производи во странство но микро, малите и средните компаниите речиси и да не се запознаени со предностите и затоа вложуваат многу мали суми во трансфер кон обновливи извори. Ова се резултатите од истражувањето на Бизнис конфедерацијата за процесот на транзиција кон обновливи извори и намалување на негативниот ефект врз животната средина.
Надлежните институции мора поефикасно да работата на оваа проблематика и да креираат политики и стратегии а во делот на финансиите банките мора да бидат пофлексибилни кога станува збор за ставање на средства на располагање за енергетска транзиција во бизнисот.
„Нашата порака е дека банките, освен системот за усогласување со животната средина, со доброто владеење и со социјалните политики, ќе треба на некој начин и да почнат на финансирање на инвестиции со фокус на зелената агенда, Парискиот договор или заложбите на македонското општество во насока на инвестирање. Од друга страна, компаниите ќе мора да размислуваат и ќе мора да го подигнат својот глас за да можат да бидат слушнати и да го покажат својот капацитет и својата иницијатива и волја за да можат да бидат вклучени и придонесат кон намалување на штетните гасови во животната средина“, изјави Миле Бошков, претседател Бизнис конфедерација на Македонија.
Според Бошков уште еден сериозен проблем е што, поради отсуство на мерења и податоци, ниту бизнисот ниту државата не знаат колкав е јаглеродниот отпечаток како држава. Фирмите кои извезуваат ќе имаат бидат оптеретени со дополнителни давачки бидејќи нема да имаат сертификат дека за нивните производи е користена енергија од обновливи извори.
„Ако македонскиот извоз го мериме во бројки и користиме податоци колку е искористена енергија од фосилни горива ќе добиеме математика колкав е нашиот трошок и колку можеме да заштедиме во пари, за да можеме да знаеме колку е подобро да се инвестира, отколку да се плаќа казна или надомест“, додава Бошков.
Државниот завод за ревизија кон крајот на август објави извештај според кој Македонија веќе доцни пет години со носење на законот за климатски промени и затоа во државата нема воспоставен институционален систем, координација и комуникација помеѓу институциите вклучени во процесот на климатски промени.
Во Македонија исто така пет години не е измерена и емисијата на испуштени стакленички гасови и затоа речиси е невозможно да се креираат политики за управување со климатските промени. Според државната долгорочна стратегија за реализација на политиките и мерките за периодот од 2020-2050 година ќе бидат потребни капитални инвестиции од 35 милијарди евра и трошоци во енергетскиот сектор од 121 милијарда евра.
Огнен Чанчаревиќ
Дигитална обработка: T.Д.
