Климентовото дело не е само дел од нашата историја — тоа е дел од нашата иднина. Тоа нè потсетува дека силата на македонскиот идентитет почива врз духовност, култура и непоколеблив стремеж кон знаење, беше истакнато на чествувањето на патрониот празник на НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Во мултимедијалната читалница, во новиот дел на храмот на пишаниот збор Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ со различни содржини го чествуваше својот патрон. Во овој дом на книгата, секој ден ја чувствуваме неговата присутност: во тишината на читалниците, во пожртвуваната работа на библиотекарите, во научните трудови на истражувачите, во љубопитните очи на младите што ги прават првите чекори во светот на знаењето, забележа Никчевски.
„За нас значаен ден е Св. Климент Охридски бидејќи ние сме на некој начин чувари на неговото слово, продолжение на неговата мисија, да го заштитиме македонскиот идентитет, македонското слово, словенското слово и целиот пишан збор“, изјави Јовица Никчевски, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“.
„Климентовото творештво е неодминлива основа за развојот на старословенскиот јазик. Преку лексиката на неговите творби се следат развојните тенденции во црковнословенските текстови од македонска редакција. Застапеноста на архаизмите и подновувањата и тоа не само во средновековието, туку и во 19 век и почетокот на 20 -от век, што неминовно се поврзуваат со кодификацијата на македонскиот стандарден јазик во 1945-та“, рече проф. д-р Лилјана Макаријоска, дописен член на МАНУ.
Во време на современи технологии библиотеките не само кај нас, туку и во светски рамки се соочуваат со различни предизвици. Во меѓувреме НУБ „СВ. Климент Охридски“ се соочуваше со кров кој прокиснува, запуштени простори и дискутабилна заштита на културното наследство. Да се изнајде креативност како да се задржат сегашните читатели, но и да се привлечат нови генерации што не е нималку лесно.
„Ние мора да ги следиме трендовите, меѓутоа морам да напоменам дека и самата дигитализација за нас е битна како национална библиотека, бидејќи таа претставува и заштита. Со тоа што дигитализираме, ние не го правиме материјалот само јавно достапен, туку на некој начин и го заштитуваме од понатамошно користење. Оригиналните форми ги оставаме во нашите депоа, ретко се користат со цел да бидат заштитени за некои идни генерации после векови“, потенцираше Јовица Никчевски, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“.
Меѓутоа и нашите услови во минатото беа за жал такви какви што се, бидејќи пред два дена го завршивме комплетно кровот и продолжуваме со понатамошна санација, реконструкција на библиотеката, веќе е евидентно зголемувањето на корисници на библиотеката.
Во рамки на чествувањето на патрониот празник се одржа и дванаесетта научна средба на тема: Светиклиментовото дело и континуитетот на македонскиот јазик и доделување на традиционалните награди.
Нина Стефанова
Дигитална обработка: T.Д.
