Неколку илјади луѓе денеска излегоа на протест во Скопје со барање за ослободување на затворените за насилствата во Собранието од 27 април 2017 година. Протестот под мотото „Демократија во Македонија, слобода за уставобранителите“ почна пред владата, а заврши пред Собранието.
Протестот е во организација на неколку патриотски здруженија.
Учесниците на протестот пеат патриотски песни и скандираат „Никогаш северна, само Македонија“, како и „Слобода за браќата“. Тие побараа и оставка од Владата и предвремени избори. Насобраните носат македонски знамиња, транспаренти и маици со барање за безусловно ослободување на осудените. Според организаторите, обвиненијата за тероризам на затворените за 27 април се политички монтирани, а досудените казни драконски.
Македонската химна ја изведоа оперскиот пејач Игор Дурловски и пејачката Андријана Јаневска, кои пред Собранието испеаја уште неколку песни. Дурловски беше еден од обвинетите во судскиот процес, но беше ослободен од вина.
Меѓу присутните се и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата претходно соопштија дека го поддржуваат протестот и бараат ослободување на „уставобранителите“.
Од СДСМ реагираат дека со поддршката на денешниот протест ВМРО-ДПМНЕ стои на браникот на криминалот и криминалците.