Вести Македонија Најважни

По оставката во стара фотелја: Антикорупционерката Димитровска се враќа во ревизија и бара да не ја гонат обвинители за организиран криминал

Татјана Димитровска, поранешната прва антикорупционерка се враќа на старото работно место во Државниот завод за ревизија кое и беше во мирување. Таа повторно ќе биде помошник на главниот државен ревизор, потврдија за Телма од институцијата.

Ова следи откако Димитровска во петокот поднесе оставка како претседател на ДКСК,  а денеска и била одјавена од нивниот систем. Од ДКСК потврдија дека Димитровска официјално веќе не е вработена кај нив. Но, Димитровска ќе биде само неколку часа без работно место, бидејќи веднаш испратила барање до Државниот завод за ревизија да се врати во добро познатата фотелја.

Димитровска се откажа од функцијата во ДКСК по поднесувањето на обвинението за оддавање службена тајна на обвинет во случајот „Адитив“ и компјутерски фалсификат.

А во понеделникот барањето за раздвојување на постапката нејзиниот адвокат Владимир Туфегџиќ го испратил до адресата на Кривичниот суд.  Туфегџиќ за Телма вели дека во барањето е наведено како оправдана причина целесообразност, економичност и ефикасност на постапката, особено што дејствијата немаат никакв поврзаност со суштината на кривичниот предмет „Адитив“. Туфегџиќ се повикува на членот 29 од Законот за кривична постапка кој превидува дека судот кој што е надлежен може од важни причини или од причини на целесообразност или во случај на признавање вина да одлучи постапката  да се раздвои и посебно да се доврши или да му се предаде на друг надлежен суд.

Но, обвинителството  по поднесувањето на обвинението му предложи на Кривичниот суд да го спои предметот против Димитровска и уште тројца други со предметот „Адитив“.   Во членот 28 од истиот закон пак за спојување на постапката е наведено дека ако исто лице е обвинето за повеќе кривични дела, надлежен е оној суд кој по барање од овластениот тужител прв ја започнал постапката. За соизвршителите, по правило, е надлежен судот кој како надлежен за еден од нив прв ја започнал постапката.

Доколку се раздвои постапката ќе се промени и надлежноста, односно од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција случајот ќе се даде во рацете на скопското обвинителство. Тоа значи дека обвинителите кои од почетокот ја водеа истрагата и сега судскиот процес Наташа Поп Трајкова и Фатон Азизи нема повеќе да постапуваат.

А истрагата против Димитровска беше отворена во април како резултат на проверката на телефонот на екс директорот на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ кој е обвинет во рамки на „Адитив“. Димиторвска се гони дека му одавала службена тајна на Стојановиќ.

Преку Вибер и ВатсАп таа му давала податоци на Стојановиќ за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во „Адитив“, службени белешки за отворање на предмет и распределба на член на ДКСК, одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и на неговото семејство.

Раздвојување на постапката побарала и одбраната на обвинетиот ревизор Миле Столевски, кој се гони дека во име на Димитровска и го положил тестот за сертификат „државна тајна. Димитровска претходно му ги дала шифрите и логовите на ревизорот  за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Марија Митевска

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со нож повредени две лица во Тетово, полицијата пронајде и три пиштоли

Дејан Дејан

Седум повредени во сообрќајна несреќа во Гостивар

Дејан Дејан

Марин Ле Пен најави кандидатура за претседател на Франција и ќе ја обжали пресудата пред Врховниот суд.

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе