Во изминатото деноноќие изгаснати се вкупно 30 пожари, шест се активни, а три се ставени под контрола. Добивме информација за нов пожар, во општина Желино, кој се движи кон тетовско Еребино. Итно е испратена екипа од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и екипи на ТППЕ Тетово, каде веќе дејствуват на гаснење на пожарот, а набргу ќе пристигнат и две возила на Дирекцијата за заштита и спасување и еден хермелин, изјави денеска Надица Вчкова од Главниот штаб за управување со кризи .Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, пак Стојанче Ангелов, попладнево информира дека автопатот Скопје – Тетово е целосно затворен за сообраќај во двата правци.
Се уште активен е пожарот во село Нивичино, општина Василево, каде гори нискостебелеста шума. Активен пожар има и во село Грешница, општина Македонски Брод, кој зафатил мешана шума и ниска вегетација. Во општина Прилеп активен е пожарот меѓу селата Царевиќ и Смолани, каде гори мешана шума и ниска вегетација.
– Добивме информација дека во општина Сарај има пожар до обиколница, каде гори сува трева. Поради силен ветер, пожарот во Велес меѓу селата Џидимирци – Крушје – Иванковци повторно е активиран со краци во неколку правци, рече Вчкова.
Под контрола се ставени пожарите во село Николиќ во општина Дојран, пожарите во општина Демир Хисар, во општина Македонски Брод, кај селата Црешнево, Локвица и Крапа, каде постои, како што рече, внатрешно минимално догорување.
