И во тендерски документ на генералниот секретаријат на владата е посочен „современ македонски идентитет“, термин кој беше осуден кога со амандман требаше да се промени извештајот за Македонија во Европскиот парламент.
Во јавната набавка од над 1,7 милиони евра за претставување на државата на ЕКСПО во 2027-ма година, најголемата ставка од три милиони денари или околу 50.000 евра се наменети за 10 концерти на изведувачи кои треба да го отсликаат современиот македонски идентитет.
„Претставување на културно уметничка програма кој го отсликува современиот македонски идентитет преку: Хонорар за изведувачи на сценска програма за времетраење на Експо 2027, не помалку од 10 настапи на македонски изведувачи од областа на поп, рок и електронска музика со изведба од времетраење од минимум 60 минути по настап“, наведено е во тендерската документација објавена на 8 мај оваа година од Генералниот секретаријат на владата.
До владата упативме прашања поврзани со тендерот за ЕКСПО во Србија. До монтирањето на прилогот не добивме одговор.
Според оваа пресметка, македонските изведувачи ќе добијат по околу 5.000 евра за едночасовен концерт на ЕКСПО во Белград. Тендерот од над 108 милиони денари или повеќе од 1,7 милиони евра го доби здружението „Јавна Соба“ кое било единствен понудувач за услугата која ќе трае наредните две и пол години. Тендерот е доделен на 9 јули 2025-та.
Тендерот е поделен на 62 различни ставки, односно услуги. Меѓу услугите е и рекламирање за кое на радија, банери, веб портали и билборди, главно во Србија се предвидени 3,5 милиони денари, односно околу 57.000 евра.
За кетеринг, храна и пијалоци на македонските штандови се предвидени по 6.000 денари дневно во текот на целото ЕКСПО кое ќе се одржува 120 денови. Фирмата добитник на тендерот треба да изработи и логоа за македонскиот настап на ЕКСПО за 70.000 денари, а за 200.000 денари треба да направи сценарио за спотови со идејно решение.
Миомир Серафиновиќ
