„Брат, сестра и шахта“ е мотото на новиот филм „Збогум Копакабано“ на Милчо Манчевски . Социјална трилер комедија за брат и сестра кои крадат бисти низ Скопје. И во овој филм Манчевски ги истражува општествено релевантните теми: самотија, сиромаштија, корупција, ментални болести и општество кое се заснова на привилегии на богатите. Снимањето на филмот „ Збогум Копакабано“ со работен наслов „Биста“ започнува на 15 јули.
- Барав малку повесел наслов од Биста и Копакабана секогаш буди нешто разиграно нешто весело. Можеби затоа што кога бев дете Копакабана беше поим за музика за веселост за боса нова и за фудбал. Е сега тоа поливалентно се врзува со други работи во филмот името на тоа мало сиромашно селце каде што живеат нашите главни ликови по прекар е Копакабана– Милчо Манчевски, сценарист и режисер.
Филмот е за сестринска љубов, саможртва, за добри и лоши луѓе, за богати и сиромашни, за слепи и окати, за тоа како живееме како умираме и како се смееме.
Филмот ќе се снима во Скопје и на различни локации во околината на Скопје, за прв пат и на скопскиот Аквадукт.
- Она што го добивме како идеја и во моментот кога застанавме пред Аквадуктот веднаш беше јасно дека тоа е нашата Копакабана. Онаа што сакаме да ја имаме во филмот и од таму па натаму веќе беше лесно– Јане Ќортошев, продуцент на филмот.
Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција, директор на фотографија е искусниот Стефано Фаливене. Главните улоги ги играат Сара Климовска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов и Дејан Лилиќ.
Нина Стефанова
