Крајната цел на секој модел за фазна или забрзана интеграција во Европската Унија мора да биде полноправно членство, но засега останува нејасно како овој процес ќе се одвива за државите кои сè уште не ги почнале преговорите.
Ова е клучната порака на Андреја Стојковски, извршен директор на „Преспа Институтот“, кој во вечерашното гостување во „Топ Тема“ на Телма го анализираше последниот „нон-пејпер“ за проширувањето.
Според Стојковски, иако документот потврдува дека членството е крајната цел, постојат многу непознаници околу практичната имплементација. Хармонизација пред потпишување Стојковски потенцираше дека интеграцијата во специфични сектори, како што е пазарот за индустриски производи, не е само формалност или договор кој треба да се ратификува.
- „Оценката на прифатливоста на производите и квалитетот на пазарот не е само договор кој ние ќе треба да го преговараме и потпишеме. Тоа подразбира претходна хармонизација во секторот. Мораме да бидеме дел од преговорите во кластерот за да можеме да го постигнеме ова“, истакна Стојковски.
Тој постави прашање за мерилата на успехот: „Како точно ќе го мериме тоа и кога ќе го мериме? Дали ќе зависи од преговорите во конкретниот кластер или од мерилата за отворање и затворање на поглавјата?“
За Стојковски, овој предлог наликува на обид за реформа на веќе постоечката методологија, која иако се нарекува „нова“, е присутна веќе шест години.
Тој смета дека предлогот повторно го користи пристапот на групирање на поглавјата во кластери, но со воведување на дискусија за фазно интегрирање.
Сепак, најголемиот проблем според него е недостатокот на предвидливост на процесот.
- „Во овој нон-пејпер таквата предвидливост ја немаме. Дали сè уште го држиме моментот на една година за еден кластер? Србија, на пример, е во преговори многу долго и затоа процесот мора да биде јасен“, вели тој.
Стојковски понуди конкретно решение за тоа како овие промени да станат правно обврзувачки и функционални. Тој смета дека исклучувањето на консензусот (ветото) во меѓучекорите на преговорите не е можно без промена на основните договори на ЕУ.
- „Ова е шансата – договорот за пристапување на Црна Гора да ги вклучи овие ситни измени. Кога ќе се пишува тој договор, треба да се опише процедурата од нон-пејперот, за да можеме да зборуваме за фазна интеграција која ќе биде предвидлива, јасна и ќе знаеме колку ќе трае. На крајот, мора да знаеме дека резултатот ќе биде членство“, заклучи извршниот директор на „Преспа Институтот“.
Б.С.
