Вести Македонија Топ вести

Тилев и Стојковски: Македонија треба да инсистира на „front-loaded“ пристап во преговорите со ЕУ, но клучот е во уставните измени

Македонија треба да бара и да инсистира на таканаречениот „front-loaded“ пристап во преговорите со Европската Унија, модел кој веќе се применува за Украина и Молдавија, сметаат Драган Тилев, надворешен советник за европски прашања на претседателката, и Андреја Стојковски, извршен директор на Преспа институтот.

Сепак, тие предупредуваат дека за овој иновативен пристап да стане реалност, државата мора прво да ги заврши своите домашни задачи, пред сè уставните измени.

Во своето гостување во емисијата „Топ Тема“ на Телма, Тилев појасни дека крајната цел на преговорите е затворање на сите пристапни поглавја, по што се потпишува пристапен договор. Со тоа, земјата добива статус на „земја која пристапува“ (acceding country) и добива статус на набљудувач во сите европски институции – право да учествува во дискусиите, но без право на
глас.

  • „Тоа во моментов е реалност за Црна Гора, која веќе ги затвора поглавјата и го пишува својот пристапен договор. Албанија, исто така, наскоро ќе започне со затворање на поглавјата. Тежиштето на реформите сега е префрлено во самите пристапни договори, со многу поголем опсег на заштитни мерки“, истакна Тилев.

Централна тема на разговор беше „front-loaded“ пристапот, кој Стојковски го опиша како неформално отворање на кластерите за да се забрза процесот.

Украина и Молдавија, преку ваков пристап, успеаја во краток период да отворат три кластери во декември и уште три во март, со најави дека до јули ќе ги имаат отворено сите шест кластери.

  • „Ова беше иновативен пристап на комесарката Коста и претседателката Фон дер Лајен за да го премостат ветото на Унгарија кон Украина. Ние треба да инсистираме на ваков пристап за да можат нашите институции да продолжат да работат врз основа на шесте скрининг извештаи кои веќе ги имаме“, изјави Тилев.

И покрај оптимизмот за забрзување на процесот, соговорниците се согласија дека првиот кластер не може да се отвори без промена на Уставот.

Стојковски потенцираше дека „front-loading“ шансата е реална само ако се поминат уставните амандмани.

  • „Во оној момент кога ќе ги испорачаме преговарачките позиции за останатите кластери, бидејќи веќе ги имаме скрининг извештаите од Комисијата, Унијата ќе биде обврзана да одговори на тие позиции“, објасни тој.

Тилев дополни дека целта е процесот да се премости административно, а не само политички.

  • „Скрининг извештаите и реформската агенда мора да бидат нашиот водич во реформите. Комисијата не нè спречува да работиме, но неформалното отворање на кластерите би овозможило преговорите да течат дури и додека се чекаат одредени политички одлуки“, заклучи тој.

Останува прашањето дали домашниот политички консензус ќе овозможи Македонија да го фати чекорот со соседите и да го искористи моментот на „брзата лента“ што го отворија Украина и Молдавија.

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зеленски: Путин одбивајќи средба избира војна

Дејан Дејан

Стојковски: Фазната интеграција мора да води до полноправно членство, но недостасува предвидливост во процесот

Дејан Дејан

Путин одби да се сретне со Зеленски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе