Премиерот Христијан Мицкоски не открива детали по средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц. Бара трпение по предлогот на Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон за забрзување на проширувањето за земјите од Западен Балкан и нивна постепена интеграција. Проширувањето е живо, а европските лидери го покажуваат тоа, вели Мицкоски.
Мерц и Макрон предлагаат постепена интеграција за земјите од Западен Балкан кога ќе исполнат одредени критериуми. Тоа би значело привилегиран пристап до заедничкиот европски пазар, следење на некои состаноци на европските институции како земји набљудувачи без право на глас и учество во европските програми.
Но, ова не е единствениот предлог. Во Брисел кружат повеќе предлози како да се зaбрза проширувањето и да се растовари од бирократија. Клучно е дека проширувањето останува да биде систем базиран на заслуги.
Пораките беа испратени на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват како порака на Унијата дека Црна Гора е најблиску до членство што би можело да се оствари веќе за две години.
Европските челници велат дека следна би можела да биде Албанија.
Што се однесува до Македонија услов и натаму остануваат уставните измени за земјата да продолжи со европските интеграции. Дали предлогот на Франција и Германија ќе донесе некакво придвижување се уште е рано да се прогнозира.
Од Тиват за Телма Марија Дивитарова
Б.С.
(Видео)Мицкоски задоволен од средбата со Мерц на вториот ден од Самитот ЕУ–Западен Балкан
