Вести Код Македонија Топ вести

КОД: Истрагата за загадување од мазутот се уште трае- ревизорски извештаи откриле и доцнење на испораки на мазут и недоволни гаранции за квалитет на горивото за ТЕЦ Неготино

Единственото парче од огромната истрага за мазут, кое во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција остана живо е за загадувањето и влијанието врз животната средина. Дали квалитетот на мазутот кој горел за да се направи струја во ТЕЦ Неготино одговарал на перформансите потребни за да не се влијае врз човечкото здравје.

Обвинителството на брифингот посочи дека лабораториските хемиски анализи биле готови и се доставени од Србија. Сега се бараат експерти за да ги прочитаат, соопшти ОЈОГОКК.

-По добиеното вештачење од Р.Србија, обвинителството побара номинација на експерти од областа на заштита на животната средина од повеќе високообразовни институции со цел да го протолкуваат вештачењето во насока дали составот на мазутот за кој се добиени вештачења има влијание врз животната средина. Дел од институциите веќе известија дека не располагаат со стручен кадар кој може да даде толкување на наодите од вештачењето, а постапката за обезбедување соодветна експертиза и натаму продолжува. Доколку не се најде експерт во државава ќе биде побаран од странство, соопшти ОЈОГОКК.

Мострите од мазутот кои биле анализирани се најдени во хангар во кругот на ТЕЦ Неготино, ги имало во стотици тегли во неугледен простор и биле посочени лани кога е отворена истрагата. Обвинителството барало асистенција од МВР да ги преземе и смести сите тие тегли, но МВР одговорило дека нема соодветен простор за чување. Потоа е најден простор за дел од нив и се преземени.

КОД: ЕСМ во лов на грешки на Обвинителството за мазутот, истрага за загадување, интервју Тасева

За анализа се избрани 10 мостри. Секоја мостра мазут била земана во 4 тегли за различни потреби. Вкупно 40 тегли се однесени на хемиска анализа во Србија, а според резултатите немало вишок на сулфур над законски дозволениот максимум, изјави на брифингот обвинителката Катерина Коларевиќ.

КОД во своите претходни истражувања, објави повеќе фотографии и сознанија за можно загадување од мазутот.

Зделките меѓу ЕСМ и РКМ со откриени пропусти се спомнати во два извештак на Државната Ревизија. Во ревизорскиот извештај за „ПОДГОТВЕНОСТА НА ЕНЕРГЕТСКИОТ СИСТЕМ ДА СЕ СПРАВИ СО ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА“ се наведени пропустите кои се ризични по животната средина.

-При спроведувањето на постапките не се бара сертификат за квалитет на мазутот за да може да се потврдат неговите квалитaтивни карактеристики, физичките својства и потеклото, што може да влијае на квалитетот на мазутот што се испорачува и може неповолно да влијание на животната средина при согорување, стои во Ревизорски извештај „ПОДГОТВЕНОСТА НА ЕНЕРГЕТСКИОТ СИСТЕМ ДА СЕ СПРАВИ СО ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА“ (ЈУНИ 2024).

-Кај една од понудите на Економскиот оператор е наведено дека потеклото на мазутот ќе биде од конкретен производител од Р. Грција, при што утврдивме дека примениот мазут е со потекло од Р. Бугарија, што може да влијае на квалитетот на набавениот мазут, а со тоа и врз загадувањето на воздухот. За ова отстапување не е доставено писмено образложение, како што е предвидено во одредбите од склучениот договор, е наведено Ревизорски извештај „ПОДГОТВЕНОСТА НА ЕНЕРГЕТСКИОТ СИСТЕМ ДА СЕ СПРАВИ СО ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА“ (ЈУНИ 2024).

Во извештајот стои дека на тој начин не е осигурено дека „набавениот мазут е со соодветен квалитет и потекло, што може да има влијание на загадувањето на животната средина и здравјето на луѓето.“

Во одговоро до ревизорите, ЕСМ во мај 2023-та одговара дека продавачот РКМ не може уште во понудата да каже какви се карактеристиките на мазутот. За ЕСМ, не било суштински проблем на набавката ниту тоа што РКМ како продавач нудел мазут од Грција, а потоа дел од увозот го правел од Бугарија- бидејќи тоа било дозволено само требало мазутот да биде согласно правилникот за квалитет на течни горива во државата.

-Сертификат за квалитет од каде можат да се утврдат техничките/квалитативните карактеристики на мазутот и неговите физички својства може да биде доставен само при реализација на договорот – при испораки, а не при спроведувањето на постапката-доставување на понудите, бидејќи ваквиот документ се изработува само откако ќе биде произведен мазутот (како примерок од одредена шаржа) и истиот превземен ос страна не економскиот оператор за испорака до купувачот. Така што, барањето сертификатот за квалитет да се доставува со поднесување на понудата не би имало логично и практично оправдување, одговорило ЕСМ на 09.05.2023. по ревизорскиот извештај на ДЗР.

КОД: Тасева: Несфатливо е неинформирање на државен обвинител за капитални истраги

Истрагата во ОЈОГОКК е се уште отворена за загадувањето од мазутот, но е запрена за начинот на испораките на мазутот- дали бил навремен и согласно договорот. Обвинителството тврдеше дека не се најдени докази за доцнење на испораки на мазут и за непочитување на договорот меѓу ЕСМ и РКМ. Но, во истиот ревизорски извештај, самото ЕСМ потврдува дека имало доцнење на испораки на мазутот во ТЕЦ Неготино.

-Доцнењето во испораките не е посакувана ситуација во ниту еден договор, па ни во договорите за испорака на мазут. За жал, вакви ситуација имало, има и веројатно ќе има. Секогаш кога има доцнење ние соодветно реагираме како впрочем и во овој договор. Но, не секое доцнење треба да резултира со раскинување на договор/наплата на гаранција и ставање на „црна листа, особено во овие постапки (без примена на Законот за јавни набавки каде обавувањето на дејноста е поврзано со поседување соодветна лиценца која ја издава РКЕ), стои во одговорот на ЕСМ од  09.05.2023. по ревизорскиот извештај на ДЗР.

И така ЕСМ, сите најдени забелешки на ревизорите за енергетската криза ги отфрлале, но нивните зборови и одговори само се нотирани, додека државниот завод за ревизија сепак ги навел пропустите како пропусти кои треба да се исправаат. Обвинителството пак при запирањето на истрагата посочи дека истрагата е запрена меѓу другото и поради клучните искази на сведоците од ЕСМ- дека нема штета.

Обвинителството ја запре истрагата и затоа што не доби одговор од Грција, на прашањата дали РКМ имала договор за соработка со голема грчка нафтена компанија и фирмата во Македонија која е поврзана со истата грчка компанија. Капушевски во првиот тендер кој го добил на крајот на 2021-ва навел дека има договор за соработка и може да обезбеди илјада тони мазут тони дневно. МВР сметало дека тоа се лажни податоци, но обвинителството кога ја запираше истрагата за мазутот тврдеше дека не ги добиле одговорите од Грција, па останале само документите за тие наводи. А исти такви документи кои потврдуваат дека РКМ навел, а грчката компанија негирала договор за техничка соработка- многу претходно биле обезбедени и од ревизорите.

-Истакнуваме дека во фазата на отварање на понудите, бил присутен и понудувач кој е посочен како производител на мазутот…… Доставил известување до купувачот (ЕСМ) во кое тврди дека нема никаква комерцијална соработка со понудувачот (РКМ) кој доставил понуда, а според негови сознанија истиот нема комерцијална соработка и со другиот наведен производител. Во член 1 од договорот и конечната понуда на продавачот, наведен е производителот на мазутот за кој, купувачот претходно е информиран дека нема комерцијална соработка со понудувачот/продавачот, стои во ревизорскиот извештај за „ПРОЦЕСОТ НА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ДОГОВОРИТЕ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ“.

Бидејќи од Грција не стигнал одговорот, Обвинителството го затвора случајот и ги отфрла сомнежите за давање лажни податоци при јавната набавка на која како единствен понудувач победува РКМ.

Миомир Серафиновиќ

Прилогот е емитуван во КОД на 24.05.2026. на ТВ Телма.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

11 пациенти биле примени во Ургентен, пациентка со повреда на главата и на потколеница задржана на нерохирургија

Kristina Kuzmanovski

Франција воведува целосна забрана за користење социјални мрежи за деца под 15 години

Kristina Kuzmanovski

Во Италија запленети 770 килограми кокаин во пратка со банани

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе