Вести Македонија Топ вести

Тилев: Новиот нон-пејпер нуди конкретни чекори за побрза интеграција, но Македонија мора прво да го отвори кластерот „Фундаменти“

Најновиот нон-пејпер за проширување на Европската Унија, кој покрај Украина и Молдавија, сега со висок фокус го вклучува и Западен Балкан, претставува обид за „пополнување на празнината“ во евроинтегративниот процес. Ова го истакна Драган Тилев, надворешен советник за европски прашања на претседателката на државата, во вечерашното гостување во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма.

Според Тилев, клучна новина во овој документ, а на која се надоврзуваат и неодамнешните изјави на високи европски претставници, е предлогот за драстично поедноставување на бирократските процедури во пристапните преговори.

Една од најзначајните точки за кои се дебатира е воведувањето на квалификувано мнозинство при одлучувањето во текот на самиот процес на преговори.

  • „Идејата е едногласноста да се применува само на крајот, односно при конечното затворање на кластерите или поглавјата. Во целиот меѓупроцес, би се применувало квалификувано мнозинство, што значително би ги скратило процедурите и би ја намалило можноста за постојани блокади“, објасни Тилев.

Документот предвидува Европската комисија да подготви специфични „tailor-made“ (прилагодени) патокази за секоја држава посебно, со кои точно ќе се дефинираат целите и начинот на кој тие ќе се постигнат. Тилев посочи дека нон-пејперот содржи и предлози за поголема институционална клученост на земјите од регионот.

  • „Се зборува за учество на сите држави од Западен Балкан и Молдавија во работата на Комисијата и Европскиот парламент, на пример, преку состаноци двапати годишно. Ова е позитивно за нас бидејќи овозможува почеста и директна комуникација со сите членови на Европската комисија“, вели тој.

Сепак, Тилев предупредува на правните ограничувања, нотирајќи дека Договорот за основање на ЕУ во моментов не дозволува учество на земји нечленки во работата на Европскиот совет, дури ни со статус на набљудувачи.

Иако нон-пејперот нуди нови можности, Тилев нагласува дека Македонија се наоѓа во специфична и по малку подредена позиција во однос на соседите како Албанија и Црна Гора.

  • „Голем дел од придобивките наведени во нон-пејперот се врзани со отворањето или привременото затворање на кластерите. Додека не го отвориме кластерот ‘Фундаменти’, ние не би можеле целосно да ги користиме овие механизми. Во моментов, само Албанија и Црна Гора ги исполнуваат условите за некои од овие фази“, потенцираше советникот.

Тој заклучи дека иако во самиот текст на нон-пејперот има одредени недоречености и непрецизности, кои веројатно се резултат на брзото подготвување, се очекува до 22 јуни деталите да се кристализираат. Тогаш ќе биде многу појасно каде точно се наоѓа Македонија во овој нов, реформиран процес на пристапување кон ЕУ.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тилев и Стојковски: Македонија треба да инсистира на „front-loaded“ пристап во преговорите со ЕУ, но клучот е во уставните измени

Дејан Дејан

Стојковски: Фазната интеграција мора да води до полноправно членство, но недостасува предвидливост во процесот

Дејан Дејан

Започнува 60. Јубилеен МТФ „ Војдан Чернодрински“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе