Секојдневно расте бројот на граѓани кои реагираат на злоупотреби на нивните здравствени картони во кои има дијагнози и прегледи кои тие никогаш не ги реализирале. На социјалните мрежи деновиве беше споделена информација за таква злоупотреба која наводно се случила на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.
„Сакам да пријавам дека преку апликацијата „Мое здравје“ открив дека татко ми бил на преглед во петокот на пластична хирургија, направил лабораторија, се оперирал и тоа што го отстраниле е пратено на патологија. Татко не бил на прегледот. Го искористиле осигурувањето на татко ми, не знам како. За некој да се оперира, да направи лабораторија и тоа да се прати на патологија“, стои во Фејсбук статусот.
Во телефонски разговор за Телма директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, Јасмина Ѓорѓиевска Павловска ни рече дека веднаш е формирана комисија во чиј состав се патолози и пластични хирурзи за да се испита случајот. Според првичните сознанија важно е да се нагласи дека не станува збор за никаква злоупотреба, туку за класична процедура за доиспитување на патохистолошките наоди. Според податоците со кои располага клиниката, станува збор за пациент кој веќе е опериран пред два месеца и контролите кои следат се редовно спроведени и евидентирани. Се очекува комисијата да излезе со детален извештај.
„Ние во континуитет ги повикуваме граѓаните да ги контролираат своите здравствени сметки“, вели првиот човек на Фондот за здравство, Клековски и да имаат увид кои прегледи се направени со нивното здравствено осигурување.
„Во основа, ние ги повикуваме сите граѓани да си ги контролираат сметките и доколку востановат упати за специјалист, лаборатории и дијагностика што тие не ги користеле, да поднесат пријава до ФЗОМ. Ние по сите предмети постапуваме индивидуално и вршиме проверка на фактичката состојба и можам да кажам дека такви случаи има редовно“, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗОМ.
За вакви злупотреби на личните податоци реагираат многу граѓани, меѓу нив и сведочењето на анонимна пациентка во емисијата „Топ тема“ дека бесплатниот ПАП тест на нејзино име го добила друга жена.
Нина Стефанова