Вести Најважни Свет

Драматичен пресврт на изборите во Полска –  десничарот Навроцки нов претседател на државата

По долгата и неизвесна ноќ на пребројување на гласовите на претседателските избори, кандидатот на десницата, историчарот Карол Навроцски е нов претседател на Полска, потврди државната изборна комисија.

Според конечните резултати од гласањето, за него гласале 50,9% од граѓаните, додека актуелниот градоначалник на Варшава, либералот Рафал Тржасковски ја добил поддршката на 49,1% од гласачите.

Ваквиот резултат следува откако првата излезна анкета од изборите, објавена веднаш по затворањето на гласачките места, во 21 часот по локално време, навестуваше дека нов шеф на државата ќе биде Тржасковски , со освоени 50,3 отсто од гласовите , пред Навроцки со 49,7 отсто. Откако беа објавени овие резултатите, во кампот на либералниот градоначалник на Варшава, преполн со млади луѓе започнаа прославите.

Еуфорија, еуфорија. Рафал победи. Сите чекавме на ова, тој го победи бандитот, многу сум среќен поради тоа, ние младите го очекувавме ова. Како млад човек, јас го очекував ова и сега во Полска ќе биде подобро, оптимистички најави Хуберт Мацијевски, 23-годишен поддржувач на Тржасковски.

Десничарите, поддржувачите на Навроцки, очигледно со право, предупредуваа дека гласовите за двајцата кандидати се премногу изедначени за да се прогласи конечен победник и дека треба да се почекаат конечните резултати.

Ги земаа парите, ги активираа институциите на Полската држава против нас, лажеа, лажеа, лажеа, лажеа а вие бевте со мене цело време и бевме заедно шест месеци во оваа жестока битка за Полска, изјави карол Навроцки, претседателски кандидат на партијата за „Право и правда“.

Очекувањата се дека, како нов полски претседател, Навроцки ќе продолжи да ги користи своите овластувања и правото на вето за да ја блокира про-ЕУ агендата на премиерот Доналд Туск. Како секој десничарки лидер, Навроцки ги поддржува традиционалните семејни вредности и католичката црква, но и се залага за засилен суверенитет на Полска во рамките на ЕУ.

Тој ги поддржува барањата за континуирана поддршка на Украина, но изјави дека не сака оваа држава да стане членка на НАТО и ЕУ, додека трае руската агресија на земјата.

Позицијата на претседател на Полска во најголем дел е церемонијална, со ограничено влијание во надворешната политика и одбраната, но тој има можност да употреби вето. Проблемот за про-европската коалиција на Туск е дека тие немаат доволно големо парламентарно мнозинство да го поништат ветото.

На пример, досегашниот конзервативен претседател, Анджеј Дуда, го користеше ветото за да го спречи Туск да ги исполни ветувањата за отстранување на политичкото влијание од судството и либерализација на законската забрана на абортусот.

 

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Македонскиот фолклор инспирација за дуо „BudaPesme“ од Будимпешта

Дејан Дејан

„Макпетрол“ организира „Крени глас“ работилници за родителите од Охрид и Струга

Дејан Дејан

Политички пораки и славенички фрази од Ахмети – лидерот на ДУИ се обрати пред чаирчани, на 23-годишнината од формирањето партијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе