Директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов на ФБ објави видео од запалената куќа во Зелениково и информираше дека завчера е запален неговиот дом.
На снимките се гледаат остатоци по пожарот, уништени и пеплосани работи, а тој напиша дека “ова е цената за удирање по мафијата” и дека се сомнева во подметнат пожар.
„Ова е данокот за нашата борба за владеење на правото без калкулации. Ова е цената за удирањето по мафијата! Домот ми беше запален, и имам основано сомневање дека станува збор за смислен атак на криминалците!, соопшти Пандов и изрази очекување дека институциите ќе го решат случајот и ќе ги откријат сторителите на пожарот за кој постојат огромби сомнежи дека е подметнат.
Од скопската противпожарна бригада потврдија дека вчера добиле повик за интервенција за гаснење на жар останат по пожарот, а ни одговорија дека завчера (понеделник) немало пријава.
И претходно беа подметнувани пожари на имот на затворски полицајци, чувари, а изгоре и автомобил на директорот на најголемиот затвор во Идризово. За дел од палежите беа осомничени криминални групи и затвореници.
Но, ова е првпат да биде запалена куќа и тоа на првиот човек на затворската Управа.
ВМРО – ДПМНЕ: Палењето на куќата на Пандов е обид за заплашување и замолчување, бидејќи криминалците повеќе немаат заштита од власта
- Најостро го осудуваме палењето на куќата на директорот на управата за извршување санкции Александар Пандов и повикуваме на итна и брз реакција од страна на институциите. Овој чин е обид за заплашување и замолчување на Пандов бидејќи изминатиот период јавно говореше за сите криминални дејствија што се случувале, а за кои тогашната власт и раководство се обиделе да ги затскријат. Пандов е мета на напад бидејќи застана во отворена борба против криминалот и корупцијата, се вели во соопштението од ВМРО – ДПМНЕ.