Гласањето беше неочекувано – ова е оценката на францускиот амбасадор за позицијата на Македонија во Обединетите Нации (ОН). Таму се гласаше Резолуција за Украина, мина предлогот поддржан од европските земји, но без поддршката на Македонија.
Премиерот Мицкоски вчера порача дека предлогот поднесен од Украина и поддржан од Франција и Германија во име на ЕУ не е усогласен став на Унијата, бранејќи ја одлуката за ко-спонзорирање на американскиот предлог, заедно со Унгарија, Израел и Грузија.
А, меѓународната заедница порачува – за клучните прашања е потребен обединет европски одговор.
„Навистина, вие посочувате со прст важна тема, со гласање на Северна Македонија во Њујорк, коешто за нас беше неочекувано. Постои навистина неопходност за излегување од конфликтот во Украина, но има и поважна тема, а тоа е – вредноста којашто денес ја даваме во Европа кон територијалниот интегритет, почит на сувереноста, империјализам на еден сосед во однос на друг сосед до тој степен што се негира неговото постоење, идентитет и јазик. И тоа е тема којашто бара единствен и обединет европски одговор“, изјави Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Франција.
Со критика за гласањето и позицијата на државата во Обединетите нации се јавија и социјалдемократите.
Додека поголемите европски земји тактички балансираат помеѓу големите сили, Македонија ризикува да биде изолирана во геополитичкиот контекст, е ставот на СДСМ.
„Оваа Влада води надворешна политика целосно без компас, импулсивно и надвор од јасно утврдени стратешки приоритети. Ако сме целосно усогласени со европската надворешна политика како што тврди Владата, тогаш зошто гласаме спротивно на сите други европски земји. И одговори на овие прашања воопшто не добивме од Владата туку еден одговор само од премиерот – затоа што тој така одлучил. Амбасадите нѐ контактираа во текот на вчерашниот ден од неколку европски земји и тие ја искажаа нивната загриженост за овој начин на гласање на Владата“, рече Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Ќе беше помудро да гласавме „за“ двете резолуции, нешто што ќе ја зајакнеше нашата позиција и со САД и со ЕУ, заклучи Филипче.
Но, од Владата не сакаат да слушаат што има да каже опозицијата. Премиерот Мицкоски денеска порача дека партиите од претходната власт имаат најмалку кредибилитет да зборуваат за меѓународната активност и релациите со администрацијата на Трамп.
Резолуцијата којашто ја ко-спонзорираше Македонија, а која беше поднесена од САД мина на Советот за безбедност на Обединетите нации.
„Јас жалам што политиката од оптика на топлите и песочни плажи и политиката од оптика овде во Македонија не е иста, па можеби некои од опозициските лидери сѐ уште живеат на топлиот песок и гледаат со тие наочари и таа оптика, за жал сѐ уште неразбудени од сонот дека се опозиција и уште долго време ќе бидат“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Македонија гласаше „воздржано“ и за двете резолуции, иако ја ко-спонзорираше резолуцијата на Соединетите држави.
Таа одлука била донесена во координација со предлагачот, по неколкуте амандмани кои беа одбиени и еден кој беше прифатен, тврди претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Петар Догов