Кривичниот суд го прифати барањето за амнестија на Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски кои беа обвинети дека ги организирале настаните во Собранието на 27 април. На ова претходеше мислењето на Обвинителството за организиран криминал претходно според кое Законот за амнестија може да се примени кај Вељановски, Јанакиески и Ристовски, но не и за 4-то обвинетиот екс-директорот на УБК Атанасовски.
- „Некој ќе каже дека случајот со организаторите за настаните во Собранието паднал, па сега дека треба да се ревидира и другиот предмет со настаните во Собранието. Но, тоа не е така. Напротив предметот ниту паднал, ниту се докажа дека настаните во Собранието не се организирани, туку се побара мислост од државата за овие настани“, рече Трпков.
На останатите осудени за 27 април им порача дека не постапиле патриотски и дека треба да се срамат и да ја наведнат главата и побараат прошка од државата, бидејќи биле изманипулирани.
„На крајот ќе произлезе дека осудените лица за настаните од 27 април, 2017 година сами се организирале и сами размислиле дека треба да влезат во Собранието и да кршат и тепаат. На сите ни е јасно, но и на осудените лица дека тоа не е така дека некој ги организирал за да влезат во Собранието. Не може да се случи да се пробие полициски кородон на кошаркарски натпревар, а не на полициски кородон пред Собранието пред кое повеќе денови се протестираше и полицијата беше подготвена за интервенција“, рече Трпков.
Адвокатот Јордан Апостолски изјави дека од почеток тврделе дека се работи за политички монтиран процес со цел да бидат ослободени вистинските организатори и го повика обвинителството да ги најде истите.
„Според нас и според изведените докази, може да се утврди само дека во тогашното време во тие настани МВР не си ја извршуваше својата задача. А тогаш тоа министерство беше под влијание и под контрола на коалицијата СДСМ и ДУИ. МВР во тоа време не си ја исполни својата задача“ изјави адвокатот Јордан Апостолски.
Според адвокатот Еленко Миланов, воопшто немало постапка за организаторите за 27 април.
„Овој предмет во однос на делот од лицата кои ги застапував чив сум бранител не можеше и не смееше ниту да биде поведено ниту да одобрен обвинителниот акт ниту да стапи на сила и да трае сите овие години“ изјави адвокатот Еленко Миланов.
Со Законот за амнестија од 2018 година во друга постапка беа ослободени и други обвинети. Кривичниот суд во 2021 година ги осуди на 6 до 6 и пол години затвор четворицата обвинети. Во април 2023-та Апелација ја укина пресудата и го врати предметот. Потоа судот донесе решение дека амнестијата не важи за овие обвинети, но Апелација ја укина и оваа одлука.
Марија Митевска