Вести Македонија Најважни

„Наивно“ е да се предложат уставни измени, пред да се формира стабилна Влада во Бугарија – вели премиерот Мицкоски и повика на натпартиско обединување

Владата нема да испрати никаков предлог за уставни измени до Собранието, пред соседна Бугарија да добие стабилна власт, која ќе може да преземе политичка одговорност за процесите.

Премиерот Мицкоски вели дека тоа е „наивно“ и ја отфрла можноста за такво нешто, за да не се загрозат позициите на Македонија на европскиот пат.

Според него, државата нема да направи чекори пред да се наѕира крајот на евроинтеграциите и без гаранции дека нема да има други услови, по внесот на Бугарите во Уставот.

Се разбира дека треба да се добие каков било сигнал за да можеме да одиме чекор напред. Сигурно нема да влеземе во каква било авантура. Инаку, ние тоа можевме многу порано да го направиме. Не мислиме ние да влеземе во процесот и после шест месеци, година, две или три повторно некое прашање од средниот век нас да нѝ биде пречка за да можеме да влеземе во 22 век, кажа Христијан Мицкоски, претседател на Владата на РС. Македонија.

Со реакција се јави и претседателката на државата.

Извештајот на Европската комисија ќе ги воочи проблемите со кои се соочува државата, но крајно време е Македонија да ги започне преговорите, вели Гордана Сиљановска – Давкова.

За блокадите на евроинтегративниот пат, претседателката на државата прстот го впери во институциите на ЕУ, навраќајќи се на сите претходни извештаи од Комисијата.

Во прашање исто така е и кредибилитетот на пишувачот на извештаите. Ако имате 16 „да“ од Парламентот и ако имате 16 „да“ од Комисијата, но и 16 „не“ од Советот, а сте имале ситуации на членки кога имало „не“ од Парламентот и од Комисијата и „да“ од Советот, тогаш мислам дека и Советот треба да размисли. Крајно време е ние да почнеме преговори, низ призма на Копенхагенските критериуми, кажа Гордана Сиљановска – Давкова, претседател на РС. Македонија.

Пред пет дена во посета на земјата дојде претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и порача да гледаме кон иднината, а не кон минатото, убедена дека земјата може да ги надмине пречките на патот кон членството во Унијата.

Опозициската СДСМ оценува дека тоа е јасна порака за Македонија, а денешниот Извештај на ЕК ќе даде насока за тоа што е реалност за државата.

Мене ми е многу жал што власта и од позиција на власт и од позиција на опозиција го гледа само и исклучиво сопствениот интерес. Република Северна Македонија ја има шансата да ги започне преговорите и да ги отвори поглавјата. И покрај тоа што верувам дека ќе следуваат изјави за тоа дека сите ние имаме заложба нешто да направиме, неопходно е и суштински важно навистина да направиме важен чекор или би рекла исчекор, во пристапувањето кон ЕУ, кажа Славјанка Петровска, пратеничка од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Денеска премиерот повика на широко обединување во име на исполнување на стратешката цел на земјава – членството во ЕУ.

Тврди дека има јасен план и стратегија, презентирани и во Берлин и во Брисел и не отстапува од ставот дека уставни измени се прифатливи само со одложено дејство.

Претходно, од официјална Софија порачаа дека не е возможно репреговарање на преговарачката рамка.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

СДСМ бара оставки на здравствените власти, на директорот на АХВ и на одговорните во лојалните ЦЈЗ

Sasko Dimovski

Случајот со загадената вода во Гостивар разоткрива непрофесионално и неодговорно однесување, велат невладините

Sasko Dimovski

Мал бетонски објект, метална врата и катанец како единствена заштита – до Комората во Вруток може да пристапи секој

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе