Ниту антикорупциската комисија, ниту МВР, ниту обвинителството досега не се изјаснија дали отвориле постапка или истрага за наводите дека директорот на АНБ има ТОЕФЛ сертификат од училиште за странски јазици во Пловдив кое не постои за таква намена.
Ова го објави бугарскиот медиум фактор.бг. МВР веќе има искуство и оваа година еднаш веќе поднесе кривична пријава за лажен ТОЕФЛ сертификат од Пловдив.
Откако во документите на конкурс за избор на асистент на Факултетот за безбедност, Бојан Христовски, новиот директор на АНБ пријавил дека за англиски јазик има ТОЕФЛ сертификат од бугарскиот центар за странски јазици „Јулија“, Фактор.бг тврди дека такво училиште за полагање на испити за англиски јазик во Пловдив нема.
Фактор.бг ги проверил податоците на училиштето за странски јазици Julia Co.LTD кое е наведено во биографијата на Христовски, но на посочените адреси во Пловдив немало такво јазично училиште.
Порано таму била сместена компанијата Julia Co.LTD, но сега канцеларијата е затворена, и таа фирма, чија примарна дејност е превод и консултации при вработување, сега работи онлајн.
Во телефонски разговор на новинарот на фактор.бг со жената која одговорила на телефонскиот број од брошурата на фирмaта им било посочено дека компанијата во моментот не издава сертификати за ТОЕФЛ и не организира обука за добивање на таков сертификат за познавање на англискиот јазик. Жената не се сеќава ниту дали „Јулија“ некогаш спроведувала обука по овој систем порано.
Јазичното училиште нема ниту официјална веб-страница, ниту било каква друга реклама на интернет. Има само Фејсбук страница на консултантска фирма со исто име, која се занимава со посредување при работа во странство, подготовка на документи, преводи и легализација. Истата фирма има седиште и во Грција.
Во флаерот за огласување на компанијата поставен на ФБ никаде не се споменува дека врши обука и курсеви за странски јазици, како и подготовка или спроведување на тестови за ТОЕФЛ. Според официјалните податоци, во моментот во градот Пловдив нема установа која спроведува ТОЕФЛ тестови.
Македонската полиција за време на предизборието, кога технички министер за внатрешни работи беше актуелниот, Панче Тошковски, откри еден случај со лажна ТОЕФЛ диплома од Пловдив.
Во информацијата од 26.04.2024. која беше објавена на сајтот на МВР и на ФБ профилот на Тошковски стои дека 44-годишна велешанка е осомничена за кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ на оглас за директорка на градинка. На конкретниот оглас употребила лажен ТОЕФЛ сертификат на кој стоело дека наводно е издаден во Пловдив во Бугарија.
За ова кривично дело е предвидена парична казна или затвор до 3 години. Во период кога беше поднесена оваа кривична пријава, Христовски беше советник во кабинетот на министерот Тошковски.
Новиот директор на АНБ пријавил дека ТОЕФЛ сертификатот го добил во март 2022-ра година иако два месеци претходно бил назначен за директор на ЈП Градски паркинг во Скопје за што исто така е потребен ТОЕФЛ сертификат за англиски јазик. Тоа значи дека два месеци ја вршел функцијата без да ги исполнува условите за директор.
Бугарските новинарски текстови сега ја ставаат на испит македонската антикорупциска комисија која по анонимна претставка отвори предмет за да утврди дали Христовски ги исполнувал условите за директор на АНБ.
Со претставка е оспорена неговата партиска припадност (бил член и функционер во ВМРО-ДПМНЕ до декември лани), дали ги исполнува условите за образование (лани положил економски факултет на Универзитет за бизнис и менаџмент) и дали е извршена безбедносна проверка за ризик за да ја преземе функцијата.
Јазичниот сертификат не му е оспорен, но сега ТОЕФЛ од бугарската „Јулија“ станува најслаба алка во биографијата на Христовски кој е назначен за директор на АНБ пред десетина дена.
Христовски како што потврди и самиот во интервју за КОД на Телма нема ниту безбедносен сертификат од највисок степен –„државна тајна“ туку само „строго доверливо“.
Комисијата од АНБ која ќе ја прави неговата безбедносна проверка сега ќе мора да го провери и сертификатот ТОЕФЛ од Пловдив бидејќи не може да додели безбедносни овластувања од степен „државна тајна“ на луѓе чии детали дадени од нив, се спорни, контроверзни или неточни.
Без „државна тајна“ во моментот е искомплицирано и вршењето на директорската функција во тајната служба АНБ каде голем дел од документите се од тој највисок степен на класифицираност, а директорот не смее да има увид во нив.
Миомир Серафиновиќ
