Има или нема политика во владината распределба на парите за општините. Четирите општини кои не го поминаа филтерот на „Илинденска“ уверуваат дека ги исполнуваат предвидените услови и дека се одбиени само од политички причини. Владата тврди дека се грижи за сите граѓани подеднакво и затоа им дава уште една шанса на Скопје, Теарце, Струмица и Сарај. На наредната владина седница ќе биде донесена одлука за продолжување на рокот до 15-ти ноември.
-За повторно да покажеме дополнителна пристапност и капацитет, оној рок за доставување потребна документација која треба да го заокружи вториот критериум – првиот услов е per capita, а вториот е целосна документација, тој рок ќе им го продолжиме на оние 4 општини да можат да го искористат и да ја докомплетираат својата документација, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински во интервју за МИА.
И покрај забелешките за нецелосна документација, општина Сарај тврди дека ги има сите потребни документи и дека ги доставила на време. За одбивањето на проектот за пат до село Ласкарци го обвинува министерот Изет Меџити.
-Не можете да ги измамите жителите на Сарај дека се грижите и дека сте подготвени да ѝ помогнете на оваа општина. Немојте повеќе со измислици и не го чувајте веќе во фиока. Меџити требаше да одговори до 19 јули годинава, но се уште го попречува предметниот проект, велат од општина Сарај.
Општина Струмица не доби средства за новиот градски пазар во индустриската зона Агрокор. Владата вели дека овој проект е одбиен бидејќи веќе е тендериран а изведувачот избран. Општината се чувствува онеправдана.
-Нам како струмичани ни се кратат 140 милиони денари. Тие пари ќе бидат користени за враќање на унгарскиот кредит. Ќе бидеме задоволни доколку тој износ се насочи за научни истражувања во МАНУ, напиша градоначалникот Костадин Костадинов на социјалните мрежи.
Одбиени се и сите 20 проекти на град Скопје. Градоначалничката Данела Арсовска смета дека одлуката е резултат на „секташката ментална состојба на Владата предводена од Мицкоски“. Владата ја опомена дека проектите се некомплетни, а не е реализиран ниту стариот проект за булеварско решение „Хасан Приштина“.
Пред неколку дена беше потврдено дека 274 проекти од 77 општини ќе добијат вкупно 65 милиони евра. Парите се дел од унгарскиот кредит и веќе ѝ се на располагање на македонската Влада.
Соња Николовска
