Водата во Јабланица полека се повлекува. ситуацијата на поплавените подрачја во БиХ од утрово се подобрува и штетите стануваат сè повидливи. Дожд врнеше и во текот на ноќта, но престана во раните утрински часови. Бројот на жртви засега е ревидиран на 13 од вчерашните 16, бидејќи, како што истакна портпаролот на владата на херцеговинско-неретвинската жупанија, Дарко Јука на прес-конференција претпладнево, дел од жртвите биле двапати евидентирани. Меѓу настраданите и трудница во селото Злате врз која паднало дрво, а сè уште се трага по многумина.
Големи штети се забележани во селата Глогошница и Шабанци, меѓутоа луѓето, за среќа, успеале навреме да се извлечат и да се сместат на безбедно во текот на ноќта. Над 80 отсто од трафостаниците во подрачјето на Јабланица се надвор од функција.
Тимови на цивилната заштита и Оружените сили на БиХ од утрово се излезени на терен, во погон е ставена и механизација. Се трага по исчезнатите, се откопуваат урнатини под кои има сомнеж за заглавени луѓе.
