Вести Македонија Најважни

Посебно упатство за премостување на стопираниот Балансер

Сите јавни институции ќе добијат упатство како да постапуваат во периодот додека важи времената мерка на Уставниот суд за стопирање на вработувањата по етнички клуч. Ќе им го испрати Министерството за јавна администрација, кое е на мислење дека Балансерот како дигитална алатка ја изгуби својата намена и во минатото бил предмет на злоупотреба.

-Насоките или донесените времени мерки не ги коментираме, туку ги почитуваме и спроведуваме… Што се однесува до распишаните огласи за вработувања кои се во тек, Министерството ќе постапи согласно содржината на донесените времени мерки од страна на Уставниот суд по објавата во Службен весник. За истите ќе подготви соодветно упатство кое ќе го сподели и дистрибуира до сите институции, се вели во соопштението од Министерството за администрација. 

Министерот за јавна администрација Горан Минчев вели дека е време за реформа на администрацијата врз основа на знаење, стручност и квалитет. Во тој правец би требало да се гради и ново законско решение.

-Јас во овој момент не би можел да кажам дали ќе има ново или пак каква ќе биде содржината на тоа законско решение. Секако, би ја причекале конечната одлука на Уставниот суд. Во зависност од тоа каква ќе биде, ние би пристапиле кон евентуално ново законско решение, кое, морам да кажам дека е уставна категорија, изјави вчера министерот за јавна администрација, Горан Минчев. 

Одлуката на Уставниот суд предизвика нова серија вербални препукувања меѓу Европскиот фронт и Вреди. ДУИ обвини дека ова е дел од обидите да се врати поранешната нееднаквост меѓу заедниците.

-Последната одлука на Уставниот суд за отпочнување постапка за оцена на уставноста на одредбите за „припадност на заедницата“ во контекст на вработување во јавниот сектор, или соодветно укинување на Балансерот, е само почеток на уништувањето на меѓуетничките односи изградени со голема тешкотија. Тоа ќе отвори и многу нови проблеми кои може да доведат до уривање на основните темели на Охридскиот договор, смета ДУИ.

Владеачката Вреди потсетува дека се работи за уставна категорија и дека новото решение ќе им овозможи на Албанците вработување според стручност а не според партиска книшка.

-ДУИ се удира со свој камен по главата. Се служат со приземни манипулации дека Албанците се институционализирани само кога ДУИ е на власт. Досегашните злоупотреби на Балансерот со изјаснување на Македонци како Албанци за да се вработат по партиски клуч, Вреди ќе го реши со Закон за правична застапеност, кој системски ќе им овозможи на Албанците вработувања врз основа на професионалност, а не заради партиска припадност, сметаат од Вреди.

Мнозинството уставни судии, меѓу кои не се судиите од заедниците, изрази сомневање дека вработувањата според етнички клуч, ги загрозуваат човековите права, слободното изразување на национална припадност и достапноста до работни места. Судот ќе побара мислење од Собранието, Владата и надлежните министерства, а конечната одлука треба да ја донесе во рок од 3 месеци.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Македонското знаме, конечно, во кабинетот на Ахмети – амбасадорите му сугерирале, тој прифатил

Sasko Dimovski

Променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд – Временска прогноза за 24.7.2026

meteo

Осум милиони денари штета на буџетот – Финансиска полиција поднесе кривична пријава против управител и правно лице за даночно затајување

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе