Неодговорното однесување на политичарите во двете држави и неодговорните и политизирани изјави на дел од членовите на бугарскиот тим, ја злоупотребија историската Комисијата со Бугарија за политички и партиски цели и интереси во двете земји. Ова е наведено во соопштението на шесте членови на македонскиот дел од Комисијата, кои владата пред два дена реши да ги смени со нови, со образложение дека е незадоволна од нивната работа. Сега веќе поранешните членови на Комисијата сметаат дека и заминување на поранешниот член, а сега новиот претседател на комисијата, Ванчо Ѓорѓиев, било политички мотивирано и злоупотребенa.
„Дел од политичарите и од интелектуалците, а посебно историчарите, од лукративни и политички причини, но и од незнаење, ја прифатија реториката и пристапот на бугарската страна со што во јавноста, без никакви аргументи, беше наметнат впечаток дека Комисијата дискутира за идентитетот и дека прави ревизија на македонската историографија. На тој начин, нашето општество наивно влезе во стапицата на националистите во Бугарија и нивната намера да наметне дискусија за овие прашања низ призма на политички интереси“, се наведува во соопштенито.
Тоа пак, како што напишаа, довело до целосно игнорирање на идејата Комисијата, по примерот на сличните комисии во Европа, да помогне да се дојде до ослободување на наставата по историја од идеолошки и националистички влијанија и да се дискутира за минатото на академско ниво, надвор од влијанијата на политички групи.
Поранешните членови во соопштението наведуваат дека во минатото Комисијата била постојана мета на политички мотивирани напади, но дека такви напади имало и изминатите неколку недели. Притоа тие го посочуваат премиерот Христијан Мицкоски, дека тој според своите лични погледи, неаргументирано, со обвинувачки и навредливи изјави за нивната работа ги делел граѓаните на „заштитници“ и „незаштитници“.
„Уште пострашно е што премиерот свесно испраќа авторитарна и заканувачка порака дека оној што нема да ги исполнува неговите очекувања и политички погледи ќе биде етикетиран дека не ги штити националните интереси. Тоа е неодговорно и несериозно и за еден премиер и за еден професор“, сметаат поранешните членови на од македонскиот тим на Комисијата со Бугарија.
Историчарите кои до пред два дена беа дел од тимот кој требаше да ги надмине надмине историските несогласувања со бугарските колеги во рамки на историската Комисијата со Бугарија му забележуваат и на шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, дека Комисијата ја прогласил за политичко тело кое треба да штити стратешките надворешно-политички позиции на Македонија.
„На тој начин министерот кажа дека историјата и науката ќе бидат во служба на политичките позиции на Владата, а не на научните и академски принципи. Тоа е позиција која ја посакува токму официјална Софија, односно за историјата да се дискутира низ призма на политиката, а притоа сета одговорност за таквиот пристап да е на македонска страна“, е нивниот став.
Одговор стигна од Мицкоски кој ваквите наводи на шестмината историчарите ги нарече политички флоскули.
„Потрошени се стотици илјади, народни пари, евра, за ништо, за нешто кое што резултираше со капитулација прифаќајќи го тоа што го прифатија двоецот Ковачевски – Османи. Отприлика тоа е суштината која што оваа комисија ја сработи и потроши неколку стотици илјади евра народни пари“, изјави Мицкоски.
Мицкоски притоа изјави дека истражните органи ќе испитуваат на што биле трошени парите, односно колкави биле хонорарите на сменетите членови на Комисијата.
Телма побара информација од Владата колкави биле хонорарите на поранешните членови на Комисијата, но и за колкави хонорари ќе бидат ангажирани новоизбраните членови, но до почетокот на овие вести добивме одговор од таму.
Телма контактираше дела од поранешните членови на Комисијата за коментар за изјавата на премиерот, но нивниот одговор е дека нема да го коменираат.
Шестмината историчари, во соопштението по нивната смена од Комисијата, посочуваат и дека е неопходна промена на методологијата во работата на Комисијата и вклучување експерти од УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ, со што би се создале услови негативните политички влијанија да се тргнат настрана од работата на Комисијата.
Предлози за вклучување на странски експерти во Комисијата имаше и порано, на што се противеше бугарската страна.
Taмара Грнчароска
