Вести Македонија Најважни

Вештачењето и доказите треба да покажат дали третото лице кое се предаде е поврзано со убиството кај Мавровка

Додека полицијата интензивно трагаше по третото лице за кое постоеше сомнение дека е поврзано со убиството кај ТЦ „Мавровка“, тој самиот се предаде на органите на прогон и се уште се испитува неговата евентуална инволвираност во грозоморниот чин. Откако распитот на А.К заврши,  тој е однесен во затворот во Шуто Оризари од каде претходно избегал додека издржувал казна за друго кривично дело.

„Во тек се вештачењата на материјалните докази со кои се утврдува основаноста на сомненијата за вклученост на ова лице во настанот. Со оглед на тоа што приведениот е осудено лице за друго кривично дело и бил во бегство од КПУ Затвор – Скопје врз основа на издадената потерница и по консултација со јавен обвинител, тој денеска е вратен во затворот со максимални мерки за обезбедување“, соопштија од ОЈО Скопје.

Според сознанијата на Телма имал уште 4 месеци од казната. Од МВР велат дека тој избегал од затворот Скопје на 22 јули. Додека првоосомничениот Е.К избегал од затворот во Идризово на 15 април годинава. За двајцата веднаш била распишана централна потерница.

Инаку првоосомничениот за убиството на 58 годишниот скопски бизнисмен Васил Ефтимов, кој беше ликвидиран среде бел ден во центарот на главниот град, вечера доби притвор од 30 дена. На товар му се става и убиство во обид и недозволено поседување оружје.

Неговата адвокатка Софија Лаличиќ за Телма вели дека нејзиниот клиент се пожалил дека при неговото апсење  бил неколку пати удрен од полицијата, по што имал видливи хематоми на раката и се жалел на болки во главата. Во полициската станица каде бил донесен била повикана брза помош, но за време на вчерашниот распит во Кривичниот суд за притворот не бил доставен медицинскиот извештај.

При распитот поднеле предлог за контрола на законитоста на лишувањето од слобода. Осомничениот, како што вели Лаличиќ, пред судот не се произнел дали ги признава кривичните дела или не, туку само се противеле на барањето за притвор.

Првоосомничениот на паркинг просторот позади трговскиот центар„Мавровка“, најпрвин го лишил од живот Ефтимов, а од неговата сопруга потоа одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил „Ауди“ без регистарски ознаки. Тој при бегството пукал и кон полицајците кои потоа го совладале и уапсиле.

Ефтимов имал семеен бизнис за продажба на накит, во скопски Аеродром, а тој имал и фирма за материјали за водовод.

Од МВР информираа дека вештачењето на чаурите и пиштолот го поврзуваат 39 годишниот Е.К. со кривичните дела коишто му се ставаат на товар. Второто приведено лице беше ослободено, откако истрагата до овој момент не утврди негова поврзаност со настанот.

Марија Митевска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Отворил боледување, а одмора во странство – со анонимни пријави ќе се воведува крај на лажните отсуства од работа

Kristina Kuzmanovski

Над 20 случаи во Грција со вирусот Западен Нил

Kristina Kuzmanovski

Без дозвола зел возило на „Црвен Крст“, каде што волонтирал и удрил во повеќе паркирани возила

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе