Амбасадорите ќе го продолжат својот дијалог со владата по прашањата кои се клучни за пристапувањето на Македонија во ЕУ и дел од нив не сметаат дека со своите коментари се мешаат во внатрешните работи за земјава. Вакви дел до амбасадорите одговорија на вчерашната изјава на премиерот, Христијан Мицкоски дека станало пракса странските дипломати да се мешаат во внатрешните работи во државата, критикувајќи ги нивните изјави за катастофалните состојби со владеењето на правото, довербата во Судскиот совет.
Евроамбасадор Дејвид Гир, по чија изјава од пред два дена за тоа какви чекори се очекуваат од владата во борбата против корупцијата и промовирање на владеење на правото, но и неговата забелкешка дека идејата на владата за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ќе значи мешање во судската власт, дојде критиката од Мицкоски до амбасадорите, денеска Гир, не толку директно, но сепак испрати порака до владата дека се надева оти конструктивната соработка ќе продолжи.
„Сметам дека премиерот отвори многу важно прашање и многу се согласуваме околу потребата за реформа на владеењето на правото и тоа е клучно за европскиот пат на земјата. Секако, ние ќе продолжиме да се ангажираме со премиерот, со владата, да разговараме за тоа кои се најдобрите начини да се оди напред, како и со другите делови од системот. Очекуваме да продолжи конструктивниот однос, ги споделуваме истите цели да ја однесеме земјата што е можно побрзо во ЕУ“, изјави Гир.
Гир притоа утрово, доаѓајќи на работниот појадок за дипломатскиот кор кој го организираше шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, по повод 75 годони НАТО, рече дека го поздравува фактот што новата влада го продолжува она што веќе го изградила старата влада, како што се поддршката за НАТО, поддршка за продолжување на целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна и политика на ЕУ, но и ненамалената поддршка за Украина.
Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, на изјавата на премиерот Мицкоски дека амбасадорите со своите коментари за владеењето на правото и Судскиот совет се мешаат во внатрешните работи на земјата рече дека тие ќе го продолжат дијалогот со новата влада, уверена е дека тоа ќе биде ценето од сите страни.
„Ние имаме многу силна размена, исто така, и на прашања за владеење на правото. Тоа е дел од пристапниот процес за ЕУ. Како што знаете Основите се наречени Основи, бидејќи се многу важни. Ние со нетрпение очекуваме да го продолжиме дијалогот“, рече Дрекслер.
На прашањето дали смета дека се мешаат во внатрешните прашања, Дрекслер кратко одговори: „Секако, не“.
Министерот за надворешни работи, Муцунски, во воведното обраќање на денешниот работен појадок со амбасадорите по повод Самитот на НАТО кој идната недела ќе се одржи во Вашингтон, изјави дека со некои од нив веќе се сретнал и можел да размени идеи, но оти очекува со сите нив да има плодна соработка и билатерална и како сојузници во НАТО.
Тамара Грнчароска
