Државната комисија за спречување корупција по сопствена иницијатива оформи предмет за Младинскиот културен центар. Ќе бидат преземени дејствија за утврдување на фактичката состојба, се вели во соопштението испратено до Телма.
„Постапувањето по предметот е во тек. Постапувајќи согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси и Деловникот за работа, ДКСК ќе ги превземе сите дејствија за утврдување на фактичката состојба и носење на соодветна одлука“, соопштија од ДКСК.
Соопштението од Антикорупциска доаѓа откако минатата седмица институцијата беше прозвана од министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, дека таа треба да одговори за статусот на отпуштените хонорарци, а не министерството. Комисијата истражува откако од 1 март директорот на МКЦ, Арбен Шаќири, не ги продолжи договорите на дело на 30 претходно ангажирани лица, со што дел од програмата на установата времено е запрена. Овој потег Шаќири го правдаше со добиеното известување од ДКСК, во кое се сугерирало дека согласно Изборниот законик, во изборен процес е противзаконски да се склучуваат договори со кои што се злоупотребува буџетот. Но, по консултации со правници, од синдикалната организацијата на МКЦ побараа од надлежните нова препорака за работа, повикувајќи се на Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници , според кој што можат да се вршат исплати од сопствени приходи и во изборен процес. Дали овој став на вработените во МКЦ е законски издржан, ги прашавме во ДКСК, но одговор не добивме во соопштението што ни го испратија.
Дека не биле предупредени за непродолжувањето на договорите и дека живеат во неизвесност, реагираа некои од отпуштените хонорарци. Тие за Телма кажаа дека лоши емоции предизвикала кај нив изјавата на директорот Шаќири, дека по изборите ќе ги врати во МКЦ неопходните меѓу нив.
Сотир Трајков