Вести Свет

Русија се вклучува во српските постизборни калкулации додека опозицијата го обвинува Вучиќ за насилство и изборна кражба

Денешните 8-ми по ред протести на српската опозиција завршија мирно. Барањата остануваат исти на коалицијата „Србија против насилството“, обвинува за изборни нерегуларности и бара поништување на изборите одржани на 17-ти декември.

Откако синоќа на протестите при обид за влез на народните пратеници и локални одборници во градското Собрание на Белград имаше инциденти се засилија поделбите меѓу двата блока.

Власта олицетворена во српскиот претседател Александар Вучиќ обвинува дека опозицијата со насилство сака да ги поништи изборните резултати кои според нив јасно покажале на чија страна е народот.

Опозицијата пак за синоќешните насилства обвини група хулигани, која според нив била “ангажирана” од близок соработник на досегашниот градоначалник на Белград Шапиќ. Опозицијата смета дека со контингент избирачи увезен од Република Српска (по примерот на изборите во скопската општина Центар пред една деценија), Вучиќ и неговата, иако не и е претседател, партија СНС ја украле изборната волја на жителите на главниот град.

Вучиќ пак овие наводи на опозицијата, предводена од Ѓилас (поранешен градоначалник на Белград), ги оквалификува за напад и омраза врз сонародниците од Српска.

Протестите денеска почна со блокада на повеќе улици во центарот на Белград во режија на студентите. Тие подоцна се споија со опозициската група на демонстранти пред една  полициска станица и каде бараа ослободување на уапсените во синоќешните протести кои завршија со масовна полициска акција и голема штета на историскиот Стар Дворец, седиште на локалната белградска власт.

Потоа демонстрантите се префрлија пред Републичката изборна комисија, ги повторија барањата и мирно ги завршија протестите.

Како што тврди опозицијата  (блокот “Србија против насилство”) повеќе илјади луѓе биле собрани  пред седиштето на Републичката изборна комисија (РИК).

Но, денот започна со ненадејно признание кое во целата ситуација ја вовлече и Русија. Досегашната српска премиерка (од партијата Српска Напредна странка- СНС) Ана Брнабиќ во телевизиски настап јавно се заблагодари на Русија која според неа им доставила информации за подготовка на инцидентите од пред градското Собрание на Белград.

Русија не одби да стане играч во новоотворената српска односно балканска криза. Рускиот амбасадор во Белград Александар Боцан-Харченко се сретна со претседателот Александар Вучиќ кој го  информирал рускиот дипломат за немирите во Белград предизвикани од опозицијата.

Харченко го обвини Западот дека „поттикнува“ протести на опозицијата и преку руски медиуми порача дека “сите обиди да се разниша власта на Вучиќ се најмногу поврзани со неговиот цврст став да не се приклучи на антируските санкции”.

Србија е единствена земја од кандидатките за членство во ЕУ кои не воведоа санкции кон Русија иако ја осуди инвазијата врз Украина. Опозициските протести, како и изборите на кои Вучиќ повторно триумфираше на државно ниво, наместо да го приближат Белград кон Брисел, всушност ја префрлија Србија поблиску кон официјалните претставници на Кремљ.

Победата на СНС, односно на Вучиќ, засега поминува без официјални честитки за неприкосновениот српски претседател од запад иако од исток (например Азербејџан) честитките беа експресно доставени од колегите на Вучиќ, и по функција и по начинот на практикување на власта.

Минатиот понеделник, ден по изборите, дел од меѓународните набљудувачи, како и од ОБСЕ ОДИХР мисијата,  објавија дека владејачката Српска напредна партија (СНС) на српскиот претседател Александар Вучиќ добила „неправедна“ изборна предност со употреба на  „медиумската пристрасност, како и несоодветното влијание на шефот на државата во официјалната кампања“. Дополнително странските набљудувачи посочија и примери за изборни нерегуларности, додека домашните набљудувачи обвинија за купување гласови и “увоз” на гласачи од странство за да се оствари победа во главниот град на Србија.

Студентите излегоа на улица, вечерва и опозицијата – постизборни тензии во Белград

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Предупредување: Небезбедна водата во Ореовец и Леништа

Kristina Kuzmanovski

Италија повторно ја отвора вратата за нуклеарната енергија

Kristina Kuzmanovski

Ревизија со резерва за Комисијата за заштита на конкуренцијата

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе