Вести Македонија Најважни

Материјалните докази за убиствата на Вања и Панче го потврдуваат исказот на притворените за злосторот – тврди обвинителот Бубевски

Обдукцијата е завршена, но обвинителството не потврдува дали се прибрани наодите од Судска медицина за двојното убиство на Вања и Панче.

Еден од главните материјални докази, заедно со другите факти коишто ќе произлезат од доказниот материјал ќе бидат срочени во обвинението.

Од скопското обвинителство велат – „под лупа“ e сѐ што може да ги открие одговорите за монструозниот чин.

„Нормално, се испитуваат материјалните докази и јас можам само тоа да ви го кажам. Материјалните докази зборуваат со истиот јазик со којшто зборуваа и осомничените. Толку“, вели обвинителот Бубевски.

Сега на потег се турските власти да одговорат на барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски, кого обвинителството го нарече: креатор, планер, главeн координатор и директен извршител на грозоморните убиства.

Претседателот Пендаровски во интервју за МРТ кажа дека размислува да испрати порака до турскиот претседател Ердоган, за екстрадицијата да оди побрзо.

Професорката на Правен и поранешна министерка за правда, Рената Дескоска, не очекува никакви проблеми во процесот за испорачување на првоосомничениот во земјава.

„Јас досега не сум слушнала дека ние сме имале проблем со Турција, но сепак добро е тоа да се провери во Министерството за правда. Мислам дека за вакви тешки кривични дела не би требало да постојат никакви условувања туку осомничениот треба да биде предаден. Ние секогаш со Турција сме имале коректни односи во процесот на екстрадиција и не очекувам дека нешто друго би се случило во овој случај“ вели д-р Рената Тренеска-Дескоска, универзитетски професор и поранешна министерка за правда.

Системот „Безбеден град“ играше улога во расветлувањето на убиствата. Истиот ќе се надградува, откри министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски при неговата денешна посета на Штип.

Ќе бидат вклучени поголемите градови, а камери ќе има и на автопатите низ државата.

„Идејата е да се проширува и треба да се проширува, пред сѐ во големите градови каде што имаме поголема фреквенција на луѓе. Штип е еден од тие градови иако мора да кажеме дека Истокот, подрачјето на Штип е прилично мирно и стабилно. Меѓутоа секаде каде што имаме видеонадзор се подобрува безбедносната состојба и многу помага во откривачката дејност на јавната безбедност. Овој проект ќе се проширува и понатаму сѐ со цел да се постигне едно повисоко ниво на безбедност“ изјави министерот за внатрешни работи, Спасовски.

Барањето за екстрадиција на Палевски е срочено во документ. Истиот е испратен по брза пошта до Министерството за правда на Турција и во скенирана верзија до Интерпол, откако експресно биле преведени сите документи на турски јазик.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нов случај на врсничко насилство, три девојчиња тепаат малолетничка во Куманово

Kristina Kuzmanovski

Непочитување на стандарди, регулатива и процедури покажало градежното вештачење на „Пулс“

Kristina Kuzmanovski

СДСМ не ја прифати поканата на Левица за состанок за Изборниот законик

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе