Како што расте државниот буџет така се зголемува и сумата која од парите на граѓаните се префрла на сметка на политичките партии. Доколку се почитува законот за финансирање на политички партии, тогаш наредната година партиите сложно, но нерамноправно ќе поделат над 7 и пол милиони евра од државниот буџет.
Согласно законот, партиите добиваат 0,15 % од изворните приходи во Буџетот, а тие приходи според презентираното од министерот за финансии Бесими се околу 5 милијарди евра.
Лани за истата намена беа пресметани околу 6,9 милиони евра, но како што расте буџетот растат и приходите на партиите. Сумата потоа се дели според освоени гласови на изборите, па лани најмногу пари доби ВМРО-ДПМНЕ околу 1.490.000 евра, потоа СДСМ околу милион и триста дваесет илјади евра, а ДУИ доби околу 680 илјади евра.
Но, и помали партии кои се делови од коалициите на власта и опазицијата добиваат сериозни пари, напрмер Демократската партија на Турците добила исплата од 134 илјади евра, Демократскиот Сојуз над 40 илјади евра, ГРОМ на Стевче Јакимовски над 130 илјади евра.
Дополнително партиите добиваат пари и за изборни активности и изборни кампањи, а догодина ќе има две изборни соочувања за што повторно граѓаните ќе ги покријат трошоците со пари кои директно ќе одат на партиска сметка.
Финансирањето на политички партии е голем корупциски ризик по општеството со години, а се уште не се завршени сите потребни активности за подобрување на тој дел од регулативата.
Постојани предупредувања во европските извештаи
Дополнителен ризик се и донациите од фирми и поединци кои и покрај строгите законски правила остануваат неказнети во случаи кога законот ќе се прекрши затоа што фирми и поединци кои учествуваат и добиваат тендери потоа уплаќаат донации на партии.
Министерот Спасовски смета дека можно решение е забрана такви фирми-политички донатори да не може да учествуваат на тендери и да добиваат пари од граѓаните. Шефот на дипломатијата, пак смета дека забраната ќе ги зголеми црните пари во политиката и партиите.
-Доколку се забрани на донаторите, тие ќе почнат скришно да донираат. Се додека донаторите јавно донираат тоа е општествено одговорност и ние треба да ги охрабриме. А ако почнат тајно да донираат тогаш влегуваме во она незаконско и криминално финансирање, одговори вчера на новинарско прашање на Телма, министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Од друга страна, тајните во финансирањето на политичките партии и нетранспарентноста постојано се спомнуваат во извештаите на Европската комисија.
ИЗВАДОК ОД ИЗВЕШТАЈ НА ЕК ЗА РС МАКЕДОНИЈА, НОЕМВРИ 2023
Потребна е брза имплементација на препораките од Групата држави против корупција (ГРЕКО) за да се зголеми транспарентноста на финансирањето на политичките партии. Потребна е акција за да се обезбеди транспарентност на финансирањето на политичките партии.
И додека европските задачи се повторуваат на ова поле, парите кои граѓаните ги даваaт за партиите од година во година се зголемуваат.
Миомир Серафиновиќ