Вести Македонија

Жестока расправа на јавна презентација во Карпош – „се скршија копјата“ врз ДУП за Влае

Предлог планот за Влае се пресели од планерските бироа, во просториите на Општина Карпош. По месеци и месеци натегања и забелешки од страна на жителите, сега повторно на маса е иднината на оваа скопска населба.

Како ќе изгледа просторот – сѐ уште никој не знае затоа што неизвесна е иднината на ДУП-от.

Но, жителите и овојпат гласно се спротивставија на бетонизација на Влае, а урбанистите и архитектите си ги бранеа решенијата поддржани од дел од присутните на јавната презентација.

Од граѓанската иницијатива „Борба за Влае“ велат дека Општина Карпош и градоначалникот Јакимовски, наместо да ја отстранат – тие ја зголемуваат катноста на бетонски џин недалеку од Порта Влае.

Го обвинуваат градоначалникот дека му овозможил на инвеститорот да ја узурпира улицата. За ова го повикуваат и Јавното обвинителство да реагира по допрен глас.

„На претходниот Предлог-ДУП беа 11 ката, а сега се впишани уште повеќе односно 12. Уште поголем габарит на објекти – дел ќе бидат станбени, а дел комерцијална намена. Па сега улицата Есперанто ја исправаат и ја носат во училишниот двор од северната страна, а сите овие објекти коишто ќе бидат изградени ќе имаат преку илјада луѓе, возила, комерцијални објекти и сите тие ќе гравитираат во делот пред училиштето“ вели Јована Стефановска од граѓанската иницијатива „Борба за Влае“.

Од Карпош велат дека голем број на забелешки на граѓаните се прифатени и применети при цртањето на новиот предлог ДУП.

Повеќе зеленило, дислоцирана црква, игралиштето останува отворено, а намалена е и вкупната површина за градење, велат во писмен одговор од општината.

„Категорично ги отфрламе обвинувањата дека е зголемен габаритот на предвидената зграда. Напротив, во претходниот план за двете градежни парцели има предвидени 21100 метри квадратни, а во ова планско решение планирана е само еден објект со вкупна бруто развиена површина од 20801 метри квадратни“ се вели во дел од соопштението на Општина Карпош.

Сега жителите имаат рок до понеделник да пополнуваат анкетни прашалници.

И претходно, кога кај жителите се роди идејата за демократско уривање на ДУП-от, Општина Карпош соопшти дека во овој предлог-план нема ништо спектакуларно или досега невидено.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожари во Чучер Сандево, Прилеп, Македонски брод, Дојран, Крива Палнка и Чашка

Дејан Дејан

Зачуван статусот на Охридското Езеро како светско природно и културно наследство

Дејан Дејан

По пожарите: Полицајци, пожарникари и возач на итна медицинска помош биле хоспитализирани на Токсикологија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе