Вести Македонија Најважни

Камчев на американската „црна листа“ – блокирање на имотот во САД, но и конекции со Америка, американски државјани и компании

Бизнисменот Орце Камчев е вториот македонски државјанин кој заврши на американската „црна листа“. Означен е од Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави. Во соопштението на Стејт Департменот се наведува дека со таквата одлука се нагласува континуираната посветеност на Соединетите Американски држави за промоција на одговорност на поединци и ентитети кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција и друго дестабилизирачко однесување.

„Господинот Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи себична агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија“, изјави Брајан Нелсон, потсекретар за тероризам и финансиско разузнување во Министерството за финансии на САД.

Во соопштението на американското Министерство се наведува и кривичното досие на Камчев, кое според САД трае од почетокот на милениумот.

„Бизнисменот Јордан „Орце“ Камчев (Камчев) интензивно се занимава со корупција, вклучително и злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци повеќе од една деценија, почнувајќи од раните 2000-ти години“, е наведено во официјалното известување.

Американските власти потенцираат дека Камчев во 2022 година беше осуден во судскиот процес на предметот „Парцели на Водно“, за учество во шема за перење пари поврзана со незаконско купугвање на земјиште. Притоа се потсетува дека тој се изјасни за виновен за тешка злоупотреба на случајот „Империја“ во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси. Американците не го забораваат ниту неговото учество во случајот „Рекет“ во кој беше главен актер и сметаат дека токму предметот предизвика крај на Специјалното јавно обвинителство и прекин на многу случаи за корупција против функционери и бизнисмени слични на Камчев.

Присуството на „црната листа“ на САД значи блокирање на имотот на Камчев во САД, но и имотот на нему блиски лица и компании… но и сите финансиски конекции со Америка, како и со американски државјани и компании. Од Вашингтон и предупредување дека може да настрада секој кој има финансиски врски со македонскиот бизнисмен.

За неполн месец, Камчев е вториот македонски државјанин кој е ставен на американските црни листи поради корупција, злоупотреба на јавни фондови и попречување на правдата.

Претходно исто назначување, но со забрана за влез во САД доби градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, кој доаѓа од ДУИ партијата предводена од Ахмети.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Притвор од 72 часа за македонската државјанка која прегази куче во Црна Гора

Дејан Дејан

(фото)Четири дена по силното невреме Скопје сè уште ги санира последиците – Најголеми штети има во Градскиот парк, како и Карпош и Аеродром

Дејан Дејан

(видео)Димитриевски: Советниците и пратениците кои станаа независни треба да го вратат мандатот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе