Каблите надвиснати, екипите на готовс, а полиција во улога на медијатор. Електричните столбови во Студеничани се нем сведок за маките на Електродистрибуција.
Стара и дотраена мрежа, бројни дефекти, но и кражби на струја. Сѐ оди преку оваа инфраструктура. Пред неа – жив штит од жители на Студеничани, без намера да дозволат да се прави било што.
Полициските службеници беа на терен, повикаа и засилување и само така се создадоа услови за дислокација на мрежните ормари. Работниците започнаа со интервенции.
„Столбот којшто се гледа зад мене е еден од четирите столба овде во Студеничани на коишто екипите на ЕВН веќе третпат се обидоа да работат, а денес со полициска придружба успеаја во своите намери.“
Отстранета блокадата на семејството Идризи – Рафет Идризи тврди: лага е дека сум блокирал
Во претходните денови, протекоа информации дека нисконапонски изводи во Студеничани се без напојување заради преоптовареност на мрежата поради кражби и неконтролирано користење на електричната енергија во тој дел од местото.
Во јавноста се спомена дека семејството Идризи присвоило и оградило улици на подрачје од триесетина куќи и ги спречува екипите на ЕВН во работата.
Рафет Идризи, лично и пред камера ги отфрли сите наводи за тоа и испрати порака до надлежните.
„Пред неколку дена викаа дека фамилијата Идризи ги блокира неколку куќи во селото. Тоа не е како што велат тие. Кој го кажал тоа – лаже. Најпрво, да ви кажам дека овие од ЕВН дојдоа така, без да нѐ известат. Јас лично сум пуштил барање до ЕВН и пред две години сум платил да ми стават струја накај плацот, да се појача и да се модернизира и тие тоа никако не го земаат в предвид. А, дошле овде да ги вадат саатите надвор? Што ќе нѝ е нам тоа?“ во изјава за Телма вели Рафет Идризи, жител на Студеничани.
Со поставување на новите мерни системи ќе се овозможи точно мерење на електрична енергија. Помалку кражби и постабилна мрежа, речиси без дефекти – уверуваат од ЕВН.
„Денес треба да го заокружиме проектот за реконструкција и модернизирање на мрежата во Студеничани. На терен тековно се дислоцираат последните 30 броила, а до крај на денот се очекува да се заврши“ велат од ЕВН Електродистрибуција.
Реконструкција на мрежата е неминовна обврска и од Електродиструбуција се децидни – сѐ ќе се спроведе според планот.
Петар Догов