Вработените во ЈП „Комунална хигиена“ од денеска се враќаат на работа. Ова е одлуката по состанокот на Извршниот одбор на синдикалната организација при „Комунална хигиена“ и СУТКОЗ, одржан во просториите на ССМ, откако утрово и покрај договореното не беа примени од директорката Косана Мазнева – Николиќ.
Извршниот одбор денеска донесе одлука сите вработени да започнат со своите работни активности, со оглед дека ни престојат денови со екстремна жештина . И веќе од втората смена денеска, работниците да се вклучат во работниот процес и да започнат со своите работни активности, во однос на подигањето на сметот, изјави претседателот на Суткоз стојанче кашиковски.
На состанокот е одлучено денеска Извршниот одбор на синдикалната организација на „Комунална хигиена“, да одржи уште еден состанок за да ги дефинираат понатамошните чекори во врска со проблемите во претпријатието, а за револтот на дел од вработените да искористат други законски можности, за да не бидат жртвувани граѓаните со несобраното ѓубре поради игнорантскиот однос на раководството кон незадоволните вработени. Дел од вработените во „Комунална хигиена“ протестираат од 7 јули со повеќе барања: зголемување на платите, добивање К-15 и бенефициран стаж, но и враќање на 10-тината вработени на неопределено време меѓу кои е синдикалниот лидер, и на 27 примени со договор, кои ги отпушти директорката Мазнева – Николиќ, поради, како што кажа таа, неодење на работа.
А, таа на прес конференција кажа дека годинава за прв пат по 2007 бил иплатен К-15 за вработените, а по долги години тие добиле и заштитна опрема и средства, што не било направено од претходните директори на „Комунална хигиена“, а е противзаконски.
Што се однесува до усогласувањето на минималната плата, што се постави исто така како прашање, и тој проблем е решен. Меѓутоа , за сите овие прашања, за да не должам мислам дека можеме да одржиме друга прес конференција., рече директорката мазнева.
Како и градоначалничката Арсовска и Мазнева – Николиќ потврди дека протестите на вработените во „Комунална хигиена“, поради кои со денови не се собираше ѓубрето во Скопје, биле водени од мафијашки структури и дека таа за тоа реагирала на прес конференција пред половина година.
Сотир Трајков
