Камионите на скопското Јавно претпријатие „Комунална хигиена” успеаја да излезат од кругот на претпријатието и да се упатат по скопските улици да собираат смет кој не е подиган од 7-ми јули поради протестот на вработените против однесувањето на директоркта Косана Мазнева.
Камионите излегле од кругот на Јавното претпријатие со асистенција на полицијата, објави sdk.mk којшто наведува дека имало и интервенција на Брзата помош која му пружила помош на еден од вработените на блокадата по што го однеле во здравствена институција.
Пред претпријатието втора вечер по ред имаше блокада на вработените кои протестираат и кои вербалмно се судрија со Мазнева вечерва. Директорката поставена од градоначалничката Данела Арсовска им викала да ги земат кмионите и да собираат смет, но од блокадата и одговориле со повиците „оставка, оставка“.
СДК.МК објави дека вечерва командирот на полицијата кој ја водел интервенцијата првин се обидел да ги убеди да се повлече блокадата, но потоа имало и турканица меѓу полицајците и вработените на протестот кои пак легнале на асфалтот за да го спречат движењето на камионите сметларки.
При инцидентите приведени се и неколку вработени кои учествувале на блокадите и на протестите, потврдија полициски извори за Телма.
Поради протестите, контејнерите и кантите низ цело Скопје се полни со смет. Вработените почнаа со протести по серија отпуштања во претпријатието, додека директорката Мазнева тврди дека вршела прераспоредувања на третата смена за која се добива ноќна тарифа на плата и отпуштала тие што не работат. Вработените пак и вратија дека не ги почитува и не им ги прифаќа барањата за подобри услови за работа и плата.
Градоначалниците на скопските општини пак се самоорганизираа и побараа помош од другите градови за да го соберат сметот, но потоа камионите не биле пуштени да го истоварат ѓубрето на депонијата Дрисла, како што наредила градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.
