Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко сепак, не бил дотолку недопирлив за институциите. Пред две лета со реторика својствена за фашистичките воени системи најавил „депортирање“ на луѓето кои питачат во Струга, а по претставка до надлежната комисија – Мерко прогласен за виновен.
По приложената документација во претставката, Комисијата заклучи дека утврдува вознемирување како што е наведено во диспозитивот. Од содржината во изјавата се заклучи дека градоначалникот Рамиз Мерко на свесен и целесообразен начин упатува порака за депортирање граѓани, со социјален статус: „питачи“, „собирачи на старо железо“ и ги третира како досадни, со тоа створил чувство на навреда, несигурност и ширење говор на омраза, кое ги прави селектирани во јавноста, се наведува во одлуката на комисијата.
Победата на маргинализираните и наваредните граѓани оди дотаму што Мерко добил препораки од комисијата јавно да се извини со допис во медиумите каде што се пренесени неговите изјави. Но, затоа обвинителите во Струга и Охрид немаат победа во судница во која никогаш и не влегеле преку 6 – те предмети против Мерко. Обемна е и стара документација која тимот обвинители ја прибира од битолското и струшкото обвинителство во предметите во кој се истражува струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
До крајот на оваа или идната, државниот обвинител ќе ги соопшти заклучоците, но и се чека да одговори како и по 3 години постапувањето затаило. Обвинителите затаиле, бирото за вештачење три години без наод, проверуваат како Мерко ги легализирал по багателна цена универзитетските згради. А, како што обајви КОД во емисијата обвинителството сѐ уште чека готов наод од бирото, а оттаму денеска за МКД.мк велат, дека сакале, но не добиле потребни информации за да го завршат наодот.
Во однос на последното дополнување на вештиот наод и мислење по Наредбата на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, од страна на вештото лице од градежна област со допис од месец ноември 2020 година е побарана од надлежното обвинителство дополнителна документација, како би можело истото да се произнесе по прашањата со дополнителен наод и мислење, но ден денес Бирото за судски вештачења ја нема добиено бараната документација, велат од БСВ за МКД.мк.
Додека за Мерко се бие внатреинституционална борба кој потфрлил во постапувањето, тој останува да ја предводи општината. Граѓаните го бирале, и не може да го смени никој освен тие на идни избори. И во матичната партија не му гори под нозе откако тој сам најави дека ќе ги стави во мирување активностите.
Мерко успеал да се спаси од прогон, но не успеа да ги предомисли американските власти со слика на социјалните мрежи да попуштат и да го тргнат од листата на непожелни граѓани на САД заради корупција и влијание врз судии.
Павле Беловски
