Вести Македонија Најважни

Педијатри нема „ниту за лек“ – покриваат вечерни смени, празници и викенди и не знаат како ќе се снаоѓаат во лето

Прегледи и хоспитализации, покривање смени, празници, викенди. Педијатрите од струшката болница и по година и половина „глава не можат да кренат“ од работа. Недостасува кадар, а пациентите постојано тропаат на врата.

Во Струга ги има неколкумина педијатри и тие се задолжени за целиот регион – Струга, Охрид, Дебар и Ресен. 40 до 50 прегледи на смена, стотина на ден.

Бројките се редат, а ситуацијата за нив останува непроменета.

„Ние во моментов во Струга сме пет педијатри од кои едниот колега нѝ е на субспецијализација, кој повремено во текот на неделата доаѓа да помогне. И згрижуваме буквално четири општини. Посебно вечерните смени, празниците и викендите – во Охрид нема педијатрија. Има еден колега ама тој сам не може се да работи. Како што се ближи летниот период не знам како ќе издржиме, се потешко и потешко е“ изјави д-р Влатко Мицкоски, педијатар од Општата болница – Струга.

Во Здравствениот дом во Струга, во моментот има двајца специјалисти во педијатрија, кои работат во советувалиште.

Барем тие нека бидат испратени на одделение периодов или Детска клиника ако има разбирање, да пушти кадар на помош во летниот период во Охрид – ова го бараат педијатрите од Струга.

Проблемот е долгогодишен и наталожен, најмногу заради бројните заминувања во пензија.

Недостасува млад кадар и истиот се произведува, но тоа не може веднаш. Ова го вели професорката Софијанова, која беше домаќин на четиридневниот Конгрес на педијатри.

„Голем процент на колеги отидоа во пензија и практично се изведе заклучокот дека нѝ требаат млади кадри. И мислам дека веќе се препознава тоа од страна на здравствените власти. Дел од кадрите коишто доаѓаат на едукација запишуваат специјализација, така што имаме подмладок на којшто се надеваме. Но, треба малку време за тој подмладок да биде покткрепен со со потребните знаења“ смета проф. д-р Аспазија Софијанова, претседател на Здружението на педијатри.

Според дел од педијатрите, голем проблем е и тоа што дел од матичните лекари работат само една смена, а во договорот со Фондот се обврзани да обезбедат две смени.

Во тој случај, педијатрите се како задолжени и за амбулантски прегледи.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европратениците утре ќе гласаат за извештајот за Македонија

Дејан Дејан

Ангелов: Имаме доброволци, имаме професионалци од ТППЕ, цврсто сум решен да направам и специјалци пожарникари

Дејан Дејан

Ангелов: Зад сите пожари, би рекол, стои човечки фактор, лани имавме неколку пожари од грмотевици и од допир на жици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе