Американскиот амбасадор во Приштина Џефри Ховениер изјави дека САД имаат две барања од Владата на Косово – да не инсистира градоначалниците да работат од општинските згради и полицајците да се повлечат од трите општински згради на северот од земјата.
– Не разбираме зошто алтернативните локации или други јавни згради не можат да се користат за извршување на нивните функции, порача Ховениер.
Според него присуството на косовската полиција во зградите во кои насилно влегла е многу предизвикувачко, затоа побарале од косовската влада да ја повлече полицијата од овие три општински згради. Според Ховениер, преземањето на овие две акции ќе помогне да се намалат тензиите.
Ховениер изјави и дека САД размислува за дополнителни санкции за Косово, но претходно порача дека на Косово им е укинато правото за учество во воената вежба „Дифендер 23“.
Сето ова, Ховениер го изјавил за време на состанокот со група редакции во Приштина и радио Ким. Ховениер, врз основа на аудио снимката што ја објави Калксо, на оваа средба рече дека кризата на северот на Косово е непотребна, а операцијата за насилно влегување во општинските згради не била координирана со САД.
Тој исто така тврди дека кога станале свесни за тоа што прави Приштина, САД „силно го советувале Курти“ да се откаже и поради тоа „ги предвиделе последиците што ги гледаме денес“.
Во меѓувреме, на косовскиот премиер јасно му беше претставено колку е сериозна ситуацијата.
Дел од српските медиуми пак објавија и дека САД ги вовеле и првите санкции за Косово односно дека ги забраниле средбите и посетите на претставниците на Приштина во Америка.
На иста линија е и американскиот државен секретар Блинкен, кој порача веднаш да се деескалира ситуацијата, и да се нормализираат преговорите со ЕУ.
Косовскиот премиер Албин Курти ја оцени како наивна и бескорисна реакцијата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен за ситуацијата на северот на Косово… Тој во видео пораката објавена синоќа, рече дека градоначалниците избрани на гласањето на 23 април „се единствените кои имаат легитимитет да бидат во општинските згради и во служба на граѓаните“… Истакна дека Приштина ја засилила комуникацијата со меѓународната заедница и дека смирувањето на ситуацијата е заедничка цел… Тој рече дека идентификувани се поттикнувачите на насилството, меѓу кои и српски бизнисмени кои, наводно, ги обврзале своите вработени да протестираат… Оцени дека протестите на кои се напаѓаат косовската полиција и КФОР „не е протест за општината, туку за власт“ и додаде дека власт на Косово може да се добие само преку избори, а не со „насилство и злосторства“.