Крив е преведувачот. Вака накратко гласи експресната реакција од кабинетот на Зеленски, откако светските медиуми пренесоа вест дека украинскиот претседател на средбата со Бајден во Хирошима го признал падот на Бахмут. Прес секретарот на украинскиот претседател, Сергеј Никифоров појасни дека Зеленски бил лошо пренесен. Покрај демантот на првичната објава, Зеленски на самитот предложи одржување на меѓународен Самит во јули кој ќе биде посветен на украинската Формула за мир.
Битката за Бахмут, една од најкрвавите во руско-украинска војна, останува под превез на контрадикторности. На годишнината од падот на Мариупол, Евгениј Пригожин објави видео во кое тврди дека групата „Вагнер“ ги потиснала и последните украински сили од градот кој, според него, сега е под целосна руска контрола. Осум часа подоцна се јави и руската страна која ги потврди неговите наводи. Веста беше презентирана и на руската државна телевизија, повикувајќи се на прес-службата на Кремљ.
На тоа се надоврза и официјална Москва. Во соопштението на интернет страницата на Кремљ преку кое рускиот претседател Владимир Путин упати честитки до припадниците на „Вагнер“ и редовните руски сили за, како што се нагласува, ослободувањето на Артјомовск. Шефот на руската држава притоа најави државни награди за сите кои учествуваа во една од најкрвавите битки во војната.
Борбите во и околу Бахмут се водеа во изминатите осум месеци. Останува нејасно која од двете страни претрпе поголеми човечки загуби за кои се верува дека се бројат во илјадници, иако ниту Украинците, ниту Русите го објавија точниот број на загинати војници.
Сашко Димовски