Ако се прегледаат законите кои ги предложи владата, ќе се дојде до заклучок дека вака потпишан договор со постојните закони е апсолутно неспроведлив изјави во вечерашната Топ Тема, пратеникот од ВМРО- ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
„Прво, затоа што немаат проект. Допрва, фазно ќе проектираат. Второ, немаат ревидиран проект и немаат премер –пресметка, не ги знаат ниту цените.Сето ова што го кажуваат за проценките – 1,3 или 1,5 милијади евра, се нивни проценки. Затоа воведуваат нов тип процедура за градење, која предвидува еден изведувач да проектира, фазно, да речеме неколку километри. ЈПДП преку владата да го одобрува проектот и истиот изведувач да гради. Тоа е сосема различен концепт на градење, кој не соодветствува со нашето законодавство“ – изјави пратеникот Бране Петрушевски.
Ова е само доказ дека потписникот на овој договор, кој никој го нема видено, освен Владата, извршил сериозно кривично дело, затоа што потпишал договор со кој презел поголеми овластувања од оние што ги има и врз основа на тоа го прекршил членот 353 од Кривичниот законик, нанесувајќи штета на буџетот на Република Македонија, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно е влезен во процес да го блокира овој национален, најголем инфраструктурен проект,кој треба да го реализира државата, одговори Миле Талевски од СДСМ.
Тој потсети дека специјалниот закон во Собранието е донесен во јули, 2021-та година, на седница на комисија за финансирање и буџет, при што ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ не се пријавил за дискусија.
„Кога тој закон се носел во Собранието и сме дискутирале на пленарна седница, биле пријавени само тројца пратеници од сите политички партии, што покажува дека тој специјален закон имал општ консензус од сите партии.“ – изјави Талевски.
