Фудбалерите на Скопје успеаа да направат уште едно изненадување и во последните две соочувања со водечките екипи на табелата освоија 4 бода кои може да бидат значајни во трката за опстанок во елитното фудбалско друштво во Македонија.
Скопје и Струга попладнево на Железарница играа без победник 1:1.
Гостите поведоа со голот на Бесарт Ибраими во 15. минута, а на три минути пред крајот Муасо Мусинга беше стрелец на израмнувачкиот гол.
Шкупи триумфираше на гостувањето против Победа со 6:0 и се врати на второто место на табелата.
Чаирчани поведоа со автоголот на Оливер Стојменовски во 37. минута. По пет минути игра во второто полувреме Реналдо Цефас зголеми на 2:0, а во 55. Сандеј Адетунџи го постигна и третиот гол за Шкупи.
Цефас повторно беше прецизен во 59 минута за водство од 4:0, а Фреди Алварез беше стрелец на петтиот погодок за Шкупи.
Конечните 6:0 за актуелниот шампион ги постави Мамаду Данфа во 79. минута од средбата.
Брегалница славеше над Македонија ЃП со 2:1, а првиот гол за Штипјани беше дело на Ѓорѓи Ѓорѓиев во 51. минута. Иван Николов во 64. им донесе предност на домаќините од 2:0, а единствениот гол за Македонија ЃП го постигна Вукашин Јовковиќ во третата минута од судиското надополнување.
Мрежите мируваа мечевите Тиквеш-Силекс и Академија Пандев – Работнички.
ФОТО: Игор Паневски
