Клиничката болница во Битола е под вонреден инспекциски надзор кој треба да даде одговор за смртта на шестгодишната Јана од битолското село Кравари. Додека се „чешла“ случајот и се чекаат резултатите, министерот за здравство, Фатмир Меџити и премиерот Димитар Ковачевски го чекаат директорот на битолската болница, Александар Обедниковски да реферира во Скопје за случајот кој ја потресе Македонија.
„Постапивме штом слушнавме. Таму веќе се инспекциските служби и кога ќе имаме информации ќе ги објавиме. Со семејството не сме контактирале, ќе го контактираме наскоро. Во текот на денот чекаме да пристигне директорот Александар Обедниковски“, рече министерот Меџити.
За вонредниот инспекциски надзор во Клиничката болница во Битола откри приемиерот Ковачевски.
„Откако надлежните институции ќе ги имаат сите детали и врз основа на факти ќе се утврди објективната состојба, врз основа на факти треба и да се изречат санкции таму каде што ќе биде потребно“, истакна Ковачевски.
Шестгодишно девојче од битолското село Кравари, вчера почина на Детското одделение во Клиничката болница во Битола, откако претходно примило инфузија. Неколку дена малата Јана имала симптоми на блага настинка, малку покачена температура и болки во мускулите.
Но, поради отоците на очните капци кои ги имала и пред неколку месеци, родителите вчераутро ја однеле прво на матичен лекар, кој не бил на смена, а потоа во болница. По прегледот од дежурниот лекар биле упатени во лабораторија за аналзи на крв, а додека се чекаа резултатите, девојчето примало инфузија.
Потоа здравствената сосотојба на девојчето почнала да се влошува и биле повикани и лекари анестезиолози, додека родителите преку стаклото во Детското одделение ги гледале обидите да се спаси нивната ќерка. Од битолската болница потврдуваат дека девојчето кај нив беше од 10 до 14 часот, кога почина при реанимација на Одделението за интензивна нега. На нивно барање телото на малото девојче е предадено на обдукција, а за овој случај е известен и обвинител.
Шестгодишно девојче почина во Клиничката болница во Битола, откако претходно примило инфузија
