Шестгодишно девојче од битолското село Кравари, вчера почина на Детското одделение во Клиничката болница во Битола, откако претходно примило инфузија. Родителите, низ солзи и скршени од болка, за Телма потресно го раскажуваат настанот и обвинуваат дека девојчето било погрешно третирано.
Неколку дена малата Јана имала симптоми на блага настинка, малку покачена температура и болки во мускулите. Но, поради отоците на очните капци кои ги имала и пред неколку месеци, родителите вчераутро ја однеле прво на матичен лекар, кој не бил на смена, а потоа во болница. По прегледот од дежурниот лекар биле упатени во лабораторија за аналзи на крв, а додека се чекаа резултатите, девојчето примало инфузија.
Во лабораторија бевме во 10, а резултатите од крвната слика беа готови после 12 часот. Но, веднаш измерија шеќер во крвта, што покажа вредност 9, иако девојчето не боледува од дијабет. На докторката ѝ кажав дека покачен е шеќерот, но рече дека е покачен од повраќањето, а сепак според наша претпоставка е дека и дадоа гликоза. Веднаш откако ја прими инфузијата шеќерот во крвта се покачи на 19, по што настапи паника. Се обидуваа да стават и втора инфузија, но не успеаја, состојбата се влоши, вели таткото Стојче Христовски.
Потоа здравствената сосотојба на девојчето почнала да се влошува и биле повикани и лекари анестезиолози, додека родителите преку стаклото во Детското одделение ги гледале обидите да се спаси нивната ќерка.
После 13 часот девојчето го однесоа во Одделението за реанимација и интензивна нега. Повеќе од еден час се обидуваа да ја спасат, но не успеаја, низ солзи раскажува за Телма таткото на девојчето.
Јана никогаш не боледувала ниту од дијабет, ниту од друга болест, освен мали настинки како и секое дете, била здраво, весело и напредно девојче, раскажуваат родителите и велат дека и вчера кога ја носеа во болница сама се движела. Која била причината за смртта на малото девојче, ќе покаже обдукцијата, по што родителите ќе одлучат дали ќе бараат одговорност за лекарска грешка.
Од битолската болница потврдуваат дека девојчето кај нив беше од 10 до 14 часот, кога почина при реанимација на Одделението за интензивна нега. На нивно барање телото на малото девојче е предадено на обдукција, а за овој случај е известен и обвинител.
Емилија Мисирлиевски
