Вести Македонија Топ вести

(Видео/Фото) Даваме максимум, се надеваме дека ќе извлечеме живи луѓе, велат спасувачите и војниците на АРМ од Кахраманмараш

На урнатините од земјотресот во турскиот град Кахраманмараш војници на Армијата со кучиња трагачи учествуваат во спасувачката акција. На видеото снимено таму припадник на АРМ објаснува дека ќе останат таму додека е потребно.

-Даваме максимум на терен со надеж дека ќе успееме да спасиме и да извлечеме живи луѓе. Остануваме тука се додека е потребно и продолжуваме професионално и пожртвувано да работиме со цел да спасиме што повеќе луѓе и да ја покажеме нашата солидарност со Република Туркије, истакна припадник на АРМ кој е на терен во погодениот град Кахраманмараш.

На снимките се гледа и обид на спасувачите да направат тунел кон внатрешноста на урната зграда за да проверат дали има луѓе затрупани од градежните остатоци. Додека спасувачите отстрануваат по малку од градежниот шут, од повисоко се спушта друг градежен материјал.

Снимката покажува и дека спасувачите се под ризик, но мисијата за спасување не ја прекинуваат во ниту еден момент користејќи ги последните часови од предвиденото време за преживување на луѓето кои се под урнатините.

АРМ соопшти дека испраќа засилување во погодените подрачја. Дополнителниот армискиот состав од 36 припадници од баталјонот за специјални сили обучени за спасување и пребарување во урнатини, денеска во претпладневните часови од касарната „Илинден“ во Скопје замина во Република Туркије, каде ќе учествува во хуманитарната операција во областите кои се најмногу погодени од катастрофалните земјотреси.

-На испраќањето на дополнителниот тим од Армијата, од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски  им беше порачано најпрофесионално да го вложат севкупниот свој потенцијал и обученост  и да помогнат на граѓаните на сојузничка Туркије, соопшти АРМ.

Армискиот тим се упатува по донесената одлука на Владата за испраќање дополнителна помош, а на предлог на Министерството за одбрана.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Министерството за правда информира дека се неточни тврдењата дека ќе се изгубат средствата од реформската агенда

Дејан Дејан

Европа да се обедини, реформите се тешки, уставните измени главен услов – пораки од еврокомесарката Кос

Дејан Дејан

Министерство за енергетика: Не се изгубени средства од Реформската агенда, обврските ќе се исполнат до јуни 2026 година

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе