Грковска смета дека државниот обвинител Јовевски не заслужил унапредување во Уставен суд, , обвинителот и враќа дека паушално се меша во туѓи работи и бара парите за нејзиниот кабинет владата да ги префрли за борба против корупција.
Борбата против корупцијата прерасна во лична борба. Министерката Грковска нападна, првиот обвинител Јовевски остро возврати. За Грковска, Јовевски не еподобен во уставниот суд, според него, пак, Грковска троши државни пари на конференции наместо на борба против корупцијата. Тимот за санкции на САД е во земјава и ги бранува највисoките ешалони. Кој ќе падне, а кој ќе се спаси од проверките на специјалниот американски тим е неизвесно.
Борбата против корупцијата отвори битка меѓу вицепремиерката Грковска и државниот обвинител Јовевски.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска во интервјуто за Топ Тема наведе дека лично смета како обвинителот Јовевски не заслужил унапредување во Уставниот суд.
-Тоа е мое лично мислење, но не сметам дека треба да биде уставен судија. Затоа што, она што требаше да го направи како Републички јавен обвинител, не го постигна на таа позиција и не гледам причина зошто понатаму би имал можност да продолжи со кариерата како уставен судија, рече Славица Грковска, потпретседателка на владата задолжена за политики на добро владеење, во интервју за ТОП Тема на Телма.
Во краток телефонски разговор обвинителот Јовевски ни рече дека вицепремиерката се вмешала во ингеренции на други институции, односно Собранието кое предлага уставни судии.
Тој се повика и на писмениот став во кој ги отфрла сите критики на Грковска како паушални и неточни и цитира дел од извештајот на Европската комисија за умерениот напредок во борбата против корупцијата и позитивните оценки за обвинителството.
Со нејзините навидум лични искажувања директно се меша и ја загрозува самостојноста на обвинителството, тврди Јовевски и бара пренамена на парите издвоени за кабинетот на вицепремиерката.
-Можеби и мое лично мислење е дека ќе биде подобро и поцелисходно доколку издвоените финансиски средства за функционирање на Кабинетот задолжен за политики за добро владеење се искористат за поефикасна борба против корупцијата, наместо да се трошат за дебати и конференции со занемарлив ефект, но како носител на функцијата Јавен обвинител немам право јавно да ја промовирам оваа лична теза, бидејќи Владата сметала дека е потребно вакво тело, стои во реакцијата на Јовевски, објавена на веб сајт на обвинителството.
Грковска тврди дека владата издвоила доволно средства за потребните капацитети на обвинителството, Јовевски пак негира и тврди дека вицепремиерката покажува незнаење бидејќи никогаш не бил реализиран прагот од 0,4 % од државниот буџет за обвинителството туку постојано е скратуван.
=Владата ги направи сите предуслови што се барале од неа, како зголемување на буџетот на обвинителствата, вклучително и бројот на вработувањата. Меѓутоа, Владата не може да го организира јавниот конкурс и изборот на истражители. Тоа е, сепак, обврска на правосудните органи, подвлече Грковска.
=Повеќе пати сум барал и сум инсистирал сите политички и други чинители да ги тргнат рацете од обвинителството. Како Јавен обвинител, но и во името на другите јавни обвинители, укажувам дека нема да прифатиме улога на ученици во која некој ќе ни кажува кој треба и по кој член да одговара, ниту пак да кажува кој, каде и како треба да биде избран. За ова постојат прописи, реагира писмено Јовевски.
-Очекувам во иднина, заменик претседателката на Влада, соодветно на функцијата која ја извршува, да покаже достојна почит спрема работата на обвинителите за кои паушално оценува дека се луѓе без интегритет кои се плашат дури и да гласаат,реагира Јовевски откако во јавноста, но и во сите општествени сектори има огромни сомнежи за првите самостојни обвинителски избори.
Духовите во овалната зграда на обвинителството ги чепна првин брзата измена на Вилма Русковска од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција среде истрага за висок функционер.
Но гневот стигна кога 66 обвинители гласаа за анонимниот и неискусен обвинител Ислам Абази кому му дадоа обврска, од истраги за украдени дрва и грам марихуана да се префрли на истраги за корумпирани фунционери иако личниот фото албум на Абази е полн со фотографии со политичари.
Дијагнозата ја даде амбасадорката Агелер, а дојде и лек од странство-тим за санкци на САД, но и француски и германски истражители за случаи поврзани со нивните држави и со европските обврски.
Миомир Серафиновиќ
