Вести Најважни Свет

Бајден: Русија најверојатно не ги истрелаа ракетите кои паднаа во Полска -НАТО сојузниците ги очекуваат резултатите од истрагата

Проектилите кои експлодираа вчера на територијата на Полска најверојатно не биле истрелани од Русија, изјави американскиот претседател Џо Бајден, смирувајќи ги тензиите од можна ескалација на војната во Украина во судир меѓу НАТО и руската федерација.

„Господине Претседател, дали е премногу скоро да се каже дали проектилите биле истрелани од Русија?“ – беше прашан Бајден од новинарите.

„Имаме прелиминарни информации кои го оспоруваат тоа, не сакам да кажам дефинитивно додека немаме целосна истрага. Малку е веројатно, земајќи ја предвид траекторијата дека биле истрелани од Русија, но ќе видиме, ќе видиме“ – одговори американскиот претседател.

Двајца луѓе беа убиени во експлозијата на двата проектили на фарма во близина на границата меѓу Полска и Украина. По веста за жртвите во Полска, синоќа почна лавина вести дека руски проектили нападнале цели во членка на НАТО, итно беа закажани седници на националните совети за безбедност на Полска и Унгарија, се споменуваше членот 5 на повелбата на Северноатлантската алијанса, кој наједноставно може да се опише со зборовите:„сите за еден, еден за сите“, односно ако е нападната една членка на НАТО, нападнати се сите.

Полска реши да ја зголеми борбена готовност на својата армија, најави дека може да побара пошироки безбедносни консултации во алијансата.

Прво, одлучивме да ја зголемиме борбената готовност на одредени единици на вооружените сили на Полска, со посебен акцент на набљудувањето на воздушниот простор. Тоа се спроведува и ќе биде спроведено на засилен начин заедно со нашите сојузници. Второ, вршиме анализи и консултации со нашите сојузници во поглед на можното повикување на членот 5 на договорот од Вашингтон, односно членот кој доведува до консултации во рамките на НАТО“ – изјави полскиот премиер Матеуш Моравиецки.

„Најверојатно, тоа беше ракета од руско производство, но сето ова е се уште под истрага“ – додаде претседателот на Полска.

Руско производство во регионот на источна Европа и поранешниот Советски Сојуз не значи автоматски и истрелана од Русија. Она што секако е многу веројатно е дека доколку проектилите не биле истрелани од Русија, тогаш станува збор за  залутани против-воздушни ракети кои ги лансирала Украинската армија, очајнички обидувајќи се да се одбрани од страотниот руски ракетен бараж врз градовите и енергетскиот систем на земјата.

Украинскиот претседател Зеленски вчера веднаш ја обвини Русија дека го нападнала НАТО. Во согласност со својата стратегија да се одбрани од разорното уништување на индустриските и енергетските капацитети на својата земја, преку интернационализирање на војната, Украинскиот претседател и денеска вината ја лоцира во бруталната агресија на Москва.

„Вчера на нашиот самит, сите зборуваа за тоа како да се заврши Руската војна. Рускиот претставник дури имаше коментари а потоа речиси 100 руски проектили ја погодија Украина. Уништија станбени згради. Уништија и електрични централи. Стотици градови беа оставени без струја, вода и греење. Интернет сообраќајот падна за речиси 2/3-тини – замислете колку е тоа. За жал, има и човечки жртви и тоа не само во Украина. Руските проектили паднаа и на територијата на соседна Полска вчера. Потребен е брз одговор“ – вели украинскиот лидер Зеленски.

Велика Британија и најголем дел од останатите членки на НАТО сметаат дека истрагата допрва ќе треба да утврди кој ги истрелал ракетите, но сепак одговорноста се лоцира во Русија, чија жестока кампања на ракетни напади синоќа остави над 10 милиони Украинци без струја, греење и вода, пред доаѓањето на зимата.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Косовски државјанин се обидел да пренесе килограм марихуана – во спат повредил цариник при што бил приведен

Tea Dimkovska

Мавровското Езеро порибено со 460 килограми крап во пресрет на Светското првенство во спортски риболов

Tea Dimkovska

Скопјанка се сомничи дека како претседателка на Комисијата за одгледување канабис не спроведувала контроли кај правно лице од Свети Николе

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе