Во моментов, и додека трае кризната состојба со епидемијата во Гостивар, најважно е да се почитуваат препораките и мерките на надлежните институции за да не се соочиме со појава на нови заболувања. Што се однесува до пациентите, тие се со лесна клиничка слика што е добро, вели доктор Кочински, но ситуацијата не треба да се релативизира. Секој пациент кој ќе пројави симптоми, веднаш да се јави на лекар за да се процени неговата состојба.
„И она што е многу битно е дека не треба да се очекува бројот на заболени да се намалува во брз временски период, односно доколку не се следат мерките и препораките кои се дадени од институциите може да дојде до контактно ширење, односно до една „продолжена опашка“ на хидричната епидемија и да имаме заболувања кои ќе се јавуваат во подолг временски период. Исто така може да се очекува во период по еден месец појава и на други заболувања поврзани со неодржување на лична хигиена. Зборувам за хепатит А како болест на нечисти раце, која што може по инкубацискиот период од 30 дена во просек да се јави како поединечни случаи или како помала или како поголема епидемија“, изјави д-р Драган Кочински, раководител на одделот „Епидемиологија на заразни заболувања“ во Институт за јавно здравје (ИЈЗ).
Во ИЈЗ е зголемен бројот на повици во однос на квалитетот на водата.
„Да не се слушаат дезинформации од социјални мрежи. Денеска имавме зголемен број на повици од загрижени граѓани дека водата ќе била контаминирана со тешки метали и хемикалии. Значи нема потреба од паника во овој момент. Да се слушаат официјалните извори и мерките и препораките кои ги даваат здравствените установи“, додава д-р Кочински.
Но, што се однесува до тоа дали се почитуваат мерките и препораките во угостителските објекти не сакаме да шпекулираме, затоа што за тоа се надлежни други институции.
Нина Стефанова
